Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев имаше средба со Јин Лисјен, амбасадорка на Народна Република Кина, која го завршува својот мандат во земјава.
На пријателската средба се потврдени добрите билатерални односи помеѓу Република Северна Македонија и НР Кина, коишто во изминатите, повеќе од две години, бележат напредок на соработката, посебно во областа на економијата, образованието и културата. Оценето е дека е поставена стабилна основа таа соработка да продолжи и во иднина.
На состанокот се поздравени личните заложби на премиерот Заев за реализација на изградбата на двата автопата, со кинеска поддршка, Миладиновци – Штип и Кичево - Охрид.
Констатирано е дека премиерот Заев прави видливи напори со резултати во економскиот развој и во социјалните политики и дека преку конструктивните политики, на конкретно ниво придонесува за доброто на државава и за граѓаните.
-Уверен сум дека преку процесот 17 + 1 само ќе ја јакне соработката на економски план, којашто веќе се реализира со отвореноста за нови кинески инвестиции во земјава, а расте и трговската размена. Тоа е резултат на воспоставениот дијалог на високо политичко ниво меѓу Северна Македонија и Кина, рече премиерот Заев, кој оцени дека за тоа голем придонес има успешната соработка со амбасадорката на Кина, Лисјен.