Интензивно се работи на реконструкција на патотот од Тетово - Попова Шапка, а се очекува до крајот на септември оваа делница долга 18,2 километри да биде целосно реконструирана. Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи денеска направија увид во изградбата на овој пат кој води до зимскиот центар Попова Шапка. Како што истакна министерот Бектеши овој патен правец е исклучително важен, не само за локалното население во Тетово, туку и за сите туристи кои што ќе сакаат да ја посетат Попова Шапка. Бектеши информираше дека Владата е во тесна соработка со локалните власти за да се изнајде решение и за внатрешната инфраструктура на ски -центарот Попова Шапка.
„По завршувањето на реконструкцијата на главниот пат кој го поврзува Тетово со Попова Шапка во директна соработка со Општина Тетово ќе започнеме со реконструкција и на локалните улици во Попова Шапка“ истакна Бектеши.
Министерот информираше дека Владата е посветена да се врати сјајот на Попова Шапка како туристичка дестинација, а активностите за тоа веќе се започнати.
„Жичарата на Попова Шапка е во завршна фаза и во моментов вработени ЕЛЕМ Турс се обучуваат за да се стави во функција. На сите посетители на Попова Шапка ќе им обезбедиме дополнителна можност за да ја користат жичарата која ги исполнува сите меѓународни критериуми, не само во текот на зимската сезона за скијање, туку ја разгледуваме можноста жичарата да работи и во други сезони земајќи го во предвид растечкиот тренд на планинскиот туризам“, кажа Бектеши.
Во однос на иднината на зимскиот центар Попова Шапка во чии рамки е ски – центарот „Попова Шапка”, како и хотелите „Славија” и „Попова Шапка„ министерот информираше дека во моментов се изготвуваат длабинска анализа и физибилити студија од страна на компанијата „Прајсвотерхаус Куперс“ кои треба да покажат која е економската оправданост за инвестиции во иднина.
„До 20 октомври ЕЛЕМ Турс треба да ја добие анализата „Прајсвотерхаус Куперс“ која се однесува на моделот на трансформација и ние како Влада ќе одлучиме на кој начин во иднина ќе ја развиваме Попова Шапка. Може да се даде под концесија, може да се даде на јавно-приватно партнерство, но ние неможеме да донесеме одлука пред да имаме готова анализа за економската оправданост, потенцираше министерот Бектеши.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека ова е многу значаен пат кој не само ќе придонесе за унапредување на туризмот, туку ќе даде и дополнителен стимул во развојот на Попова Шапка и за тетовскиот регион.