Прославата за Илинден со богата музичка програма: Концерти на гитарските виртуози Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, електро-акустичен настап на Џијан Емин со Филхармонија и џез уметници, Ансамблот „Танец“, КУД „Емин Дураку“ и мешан хор „Крушево“

Прославата на големиот национален празник „Илинден“, кој годинава се одбележува под мотото „Сите сме деца на Илинден“, во Крушево, започнува вечерта на 1 август на Гумење со церемонија за започнување на „10 дена Крушевска Република“ која ќе биде заокружена со богата музичка програма.  

Свечената церемонија на 1 август започнува во 19:35 часот со интонирање на државната химна, по што ќе се обрати градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски. Со импровизирано пукање од црешовото топче и со огномет ќе биде означен почетокот на програмата, по што следува музичкиот дел. 

Присутните гости во 20:30 часот ќе имаат можност да уживаат во изведбите на гитарските виртуози Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ. 

После нивниот настап, со почеток во 22:00 часот,  сестраниот композитор, аранжер и клавијатурист Џијан Емин придружуван од Филхармонија и Здружението на џез-уметници (ЗЏМ) ќе одржи електро-акустичен концерт.

По концертната програма, на полноќ ќе биде изведен традиционалниот импровизиран напад на градот.

Свеченото одбележување на 116-годишнината од Илинденското востание и 75-години од Првото заседание на АСНОМ продолжува на 2 август, кога на Мечкин камен ќе биде одржана Централната свеченост по повод државниот празник Ден на Републиката – 2 Август, Илинден. 

На свеченоста ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по што е предвидена свечена културно-уметничка програма. 

Дел од програмата, во рамки на прославата на Илинден, се и настапите на Ансамблот „Танец“, културно уметничкото друштво „Емин Дураку“ и мешаниот хор „Крушево“.