Исполнети се барањата на вработените од Еурокомпозит - Владата го усвои Предлог-законот за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Еурокомпозит АД Прилеп

Владата на Република Северна Македонија на 148-та седница одржана на 30 јули 2019 година го усвои и достави до Собранието Предлог-законот за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна намена „11 Октомври - Еурокомпозит АД“ Прилеп со кој се исполнуваат барањата на поранешните и сегашните вработени на ова претпријатие во државна сопственост. 
 
Практично ќе бидат надоместени заостанатите долгови по однос на придонес за пензиско и инвалидско осигурување на вработените, со што се исправа повеќегодишната неправда кон вработените и ќе им биде евидентиран остварениот работен стаж во компанијата, за да можат соодветно сите сегашни и поранешни вработени да го остварат правото на пензија согласно минатиот труд.
 
Со овој закон се уредува начинот и постапката за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна намена „11 Октомври - Еурокомпозит АД Прилеп“.
 
Законот е доставен до Собранието на Република Северна Македонија и во согласност со агендата на Собранието, очекуваме да биде усвоен во што е можно покус временски рок.