Премиерите Заев и Борисов во Дојран положија свежо цвеќе пред возобновениот споменик на бугарскиот генерал, Константин Каварналиев: Почитта за културното и историско наследство на нашите држави претставува израз на нашето пријателство и блискост

Во рамки на посетата на високата владина делегација предводена од претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов на Република Северна Македонија, денеска во Дојран се одржа церемонија на откривање на возобновениот споменик на генералот на бугарската армија, Константин Каварналиев, којшто го одбележува неговото вечно почивалиште. 

Двајцата премиери Заев и Борисов оддадоа почит и положија свежо цвеќе пред споменикот, а потоа дадоа кратки изјави за медиумите.

„Споменикот го одбележува вечното почивалиште на полковник Константин Каварналиев, посмртно промовиран во Генерал на бугарската армија. Бил ранет во регионот на Дојран во втората балканска воја, 8за време на борбите во јуни 1913. Починал на 23 јуни 1913. Оригиналниот споменик стоел на истото место до почеток на 1966 година. Сега е возобновен споменикот, на иницијатива на премиерот Борисов. Премиерот Борисов при последната средба со мене на крајот во 2018 година во Софија го отвори ова прашање и еве сега добива своја имплементација."

Премиерот Заев рече дека почитта за културното и историското наследство на нашите држави е директна обврска од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и претставува израз на нашето пријателство и блискост.

„Не робуваме на стереотипите, туку градиме искрен и отворен пријателски однос. Ги славиме и почитуваме нашите особености и ја прифаќаме и чествуваме историјата која ни е споделена. Со возобнувањето на споменикот Општина Дојран добива уште една точка од историско значење, што сигурно ќе привлече туристи и туристичко внимание на дел од населението во Бугарија. Со тоа добиваме уште едно обележје од богатата и слоевита историја на Балканот, која треба да ја почитуваме, но на која не треба да и робуваме. Треба да градиме еден нов Балкан, кој нема да биде синоним за војни и конфликти, туку за пријателство, мир, стабилност, просперитет и економски развој”, порача премиерот Заев.

Во одговор на новинарско прашање премиерот Заев рече дека на сите средби со бугарските високи претставници се јакнат добрососедството и пријателството и тоа претставува силна мотивација и за бизнисот, и за културните работници и за младите луѓе да соработуваат помеѓу себе уште повеќе.

„Секој наш чекор, како и денешниот чекор е во насока да ја почитуваме историјата на Република Бугарија кога за време на балканската војна 1913 година херојски загинува полковник Карванлиев бранејќи пред се цивилно население и чувајќи го грбот на својата војска ја испраќа пораката на пркосот и слобода за социјални права овде на Балканот. Ова е дел од нашата заедничка историја на којашто треба да се гордееме, а денеска е мост на јакнење на нашето големо пријателство“, рече премиерот Заев.

Премиерот Борисов зборуваше за големото историско значење на ликот и делото на генералот Константин Карванлиев и за можноста овој споменик да биде мост на поврзување на граѓаните од двете земји.