Јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година – зелени површини

Институција која огласува: 
Влада на Република Северна Македонија
Рок на пријавување: 
15.08.2019

Врз основа на член 39 став 2 од Законот за Влада на Република Северна Македонија (,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/2016 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) и дел VII став 1 од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година (,,Службен весник на Република Северна Македонија" бр.18/2019), Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, објавува:

ЈАВЕН ПОВИК
за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година

ПРЕДМЕТ

Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени со Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година („Службен весник на Република Северна Македонија" бр.18/2019) (во понатамошниот текст: Програмата), дел II став 1, преку утврдување на потребата за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на PM10 и PM2.5 за уредување на урбани зелени површини на градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти во општините на територија на градот Скопје во Република Северна Македонија.

ПРАВО НА УЧЕСТВО

Право на учество на јавниот повик имаат општините на територија на градот Скопје, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2018 година.

ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА УЧЕСНИКОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК Е ДОЛЖЕН ДА ЈА ДОСТАВИ

Учесниците на јавниот повик за реализација на Програмата се должни да достават:

  • Пополнето барање за јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година;
  • Преглед на број на градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти, кои немаат зелени урбани површини или имаат потреба од нивно уредување доколку постојат;
  • Преглед на урбани зелени површини за уредување (тревна површина, плодородни и хортикултурни дрвја или зелени ѕидови) во градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти (постојни или нови);
  • Податок за број на деца/лица кои престојуваат во градинките или посетуваат настава во основните и средните училишта и здравствени објекти во градот Скопје.

НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Пополнетото барање се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на градоначалникот на општината, заедно со потребната документација согласно дел III од овој јавен повик.

Барањето со комплетираната документација се доставува во затворен плик, преку пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје или преку предавање во архивата на Владата на Република Северна Македонија, секој работен ден од 8.00 до 16.00 часот.
На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ“, а под тоа да стои „За реализација на Програма за намалување на аерозагадувањето за 2019 година“.

Барањата кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик, ќе се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат.

РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Јавниот повик ќе трае 10 (десет) дена од денот на неговото објавување во дневните весници, односно барањата треба да се достават најдоцна до 15.8.2019 година до 16:00 часот. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

ПОСТАПКА И КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ И ОДОБРУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Постапката за избор на корисниците – градовите за реализација на Програмата за 2019 година ја спроведува комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат, составена од 5 членови и 5 заменици-членови, и тоа: еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за финансии, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за економија, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за локална самоуправа.

Комисијата одлучува врз основа на доставените барања и комплетната документација, а согласно следните критериуми:

Критериуми Бодови
Големина во м² на зелена урбана површина за уредување (со тревна површина, плодородни и хортикултурни дрвја или зелени ѕидови),  постојна или нова

50

Број на деца/лица кои престојуваат во градинките или посетуваат настава во основните и средните училишта и број на лица кои ги користат услугите на здравствените објекти  во градот Скопје  30
Детално разработен преглед на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти  20
Вкупно бодови 100

ВИСИНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ОПРЕМА

Поддршката за намалување на аерозагадувањето ќе се врши од предвидените средства во дел IV од Програмата, преку доделување опрема во согласност со дел IV, точка 2. Доделувањето на опремата ќе биде само за општините во градот Скопје. При поднесување на документацијата потребно е општините да ги наведат проектите по приоритет. Во случај на еднакви бодувања на проектите од страна на Комисијата, распределбата на средствата ќе биде пропорционално.

ПРИЛОЗИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Барањето е составен дел на јавниот повик и може да се обезбеди во електронска верзија преку интернет-страницата на Владата на Република Северна Македонија: https://vlada.mk

ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИИ

За дополнителни информации барателите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022 и до Министерството за животна средина и просторно планирање на телефон 02/3251-449.