Јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година – прочистувачи

Институција која огласува: 
Влада на Република Северна Македонија
Рок на пријавување: 
23.08.2019

Врз основа на член 39 став 2 од Законот за Влада на Република Северна Македонија (,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/2016 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) и дел VII став 1 од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година (,,Службен весник на Република Северна Македонија" бр.18/2019), Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, објавува

ЈАВЕН ПОВИК
за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година

I.    ПРЕДМЕТ

Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени со Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година (,,Службен весник на Република Северна Македонија" бр.18/2019) (во понатамошниот текст: Програмата), дел II став 1, преку утврдување на потребата за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на PM10 и PM2.5 со набавка/поставување на прочистувачи за воздух во внатрешни простории во државните акредитирани високообразовни установи, средни и основни училишта и градинки, чие седиште е во градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2018 година.

 

II.    ПРАВО НА УЧЕСТВО

Право на учество на јавниот повик имаат државните акредитирани високообразовни установи,  средни и основни училишта и градинки , чие седиште е во градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2018 година.

 

III.    ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА УЧЕСНИКОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК Е ДОЛЖЕН ДА ЈА ДОСТАВИ

Учесниците на јавниот повик за реализација на Програмата се должни да достават:

  • Пополнето барање за јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година;
  • Извештај за нивото на PM10 и PM2.5 концентрации за 2018 година согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем (доколку има мерна станица);
  • Детално разработен проект на амфитеатри, предавални, училници и занимални во кои се изведува наставно научниот процес (вклучувајќи и големина/површина во м2 на амфитеатрите, предавалните, училниците и занималните на државните акредитирани високообразовни установи, средни и основни училишта и градинки во кои се изведува наставно научниот процес);
  • Податок за вкупен број на запишани студенти/ученици/деца кои посетуваат настава во државните акредитирани високообразовни установи, средни и основни училишта и градинки, чие седиште е во градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување.

 

IV.    НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Пополнетото барање се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на одговорното лице на субјектот, заедно со потребната документација согласно дел III од овој јавен повик.
Барањето со комплетираната документација се доставува во затворен плик, преку пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул.Илинден бр.2, 1000 Скопје или преку предавање во архивата на Владата на Република Северна Македонија, секој работен ден од 8.00 до 16.00 часот.
На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ“, а под тоа да стои „За реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година“.
Барањата кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик, ќе се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат.

 

V.    РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Јавниот повик ќе трае 10 (десет) дена од денот на неговото објавување во дневните весници, односно барањата треба да се достават најдоцна до 23.8.2019 година, до 16:00 часот. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

 

VI.    ПОСТАПКА И КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ И ОДОБРУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Постапката за избор на корисниците за реализација на Програмата за 2019 година, ја спроведува Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат, составена од 5 членови и 5 заменици-членови, и тоа: еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за финансии, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за економија,  еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за локална самоуправа.

Комисијата одлучува врз основа на доставените барања и комплетната документација, а согласно следните критериуми:

- За субјекти чие седиште е во град/општина со мерна станица согласно Државниот автоматски мониторинг систем

Критериуми Бодови
1. Број на денови со надминување на концентрациите на  PM10 и PM2.5 над среднодневни гранични вредности за 2018 година 30
2. Висина на просечна годишна концентрација на PM10 и PM2.5  20
3. Број на запишани студенти/ученици/деца кои престојуваат/посетуваат настава во државните акредитирани високообразовни установи, средни и основни училишта и градинки 30
4. Детално разработен проект на амфитеатри, предавални, училници и занимални во кои се изведува наставно научниот процес 20
Вкупно бодови 100

 

- За субјекти чие седиште е во град/општина без мерна станица согласно Државниот автоматски мониторинг систем

Критериуми Бодови
1. Број на запишани студенти/ученици/деца кои престојуваат/посетуваат настава во државните акредитирани високообразовни установи, средни и основни училишта и градинки 50
2. Детално разработен проект на амфитеатри, предавални, училници и занимални во кои се изведува наставно научниот процес 50
Вкупно бодови 100

 

VII.    ВИСИНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ОПРЕМА

Поддршката за намалување на аерозагадувањето ќе се врши од предвидените средства во дел IV од Програмата, преку доделување опрема во согласност со дел IV, точка 3. Доделувањето на опремата ќе биде за државните акредитирани високообразовни установи, средни и основни училишта и градинки, чие седиште е во општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување.
Во случај на еднакви бодувања на проектите од страна на Комисијата, распределбата на средствата ќе биде пропорционално.

 

VIII.    ПРИЛОЗИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Барањето е составен дел на Јавниот повик и може да се обезбеди во електронска верзија преку интернет - страницата на Владата на Република Северна Македонија: https://vlada.mk

 

IX.    ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИИ

За дополнителни информации барателите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022 и до Министерството за животна средина и просторно планирање на телефон 02/3251-449.