Од 150 седница на Владата: Од септември повисоки плати за 5% во основно, средно и високо образование и во научните институти; Намалено ДДВ кај одредени лекови и кај топлинската енергија; Се основа ново училиште во Oпштина Центар со назив „Киро Глигоров“

На 150-тата седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за покачување на платите во основното, средното и високото образование во Република Северна Македонија за 5% почнувајќи од исплата за септември 2019 година и го задолжи министерот за образование и наука Арбер Адеми да ги потпише Спогодбите со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за реализација на предвиденото покачување на платите.

Со оваа одлука Владата на Република Северна Македонија дополнително го задолжи министерот за образование и наука да изготви решение за новите коефициенти за покачување на платите и кај јавните високообразовни установи и јавни научни институти за 5%, почнувајќи од исплата на платата за месец септември 2019 година.

На оваа седница е усвоена Предлог - одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, со што се намалуваат цените на одреден број на лекови, вклучувајќи и лекови за ветеринарна медицина и се пропишува повластена даночна стапка од 5% за топлинска енергија за греење, која беше усвоена на една од претходните седници на Владата на РСМ.

На предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата и даде позитивно мислење за основање на ново општинско основно училиште „Киро Глигоров“ во Општина Центар, кое првите генерации ученици ќе ги прими во текот на претстојната учебна 2019/2020 година.

Владата денеска ја разгледа Информацијата и го усвои финалниот текст на Етичкиот кодекс за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата за обезбедување на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење на членовите на Владата на Република Северна Македонија, замениците на министрите и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Со овој кодекс се уредува почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста, транспарентноста и заштитата на човековите слободи и права, при вршење на нивните функции односно должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија, со цел јакнење на интегритетот на институциите и на довербата на граѓаните во нивната работа.

Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на Предлог на Закон за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка по Договорот за заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност, кој го доставува до Собранието на Република Северна Македонија за усвојување.

Целта на овој заем е да се обезбедат средства за буџетска поддршка, а основното начело врз основа на кое се заснова овој предлог на Закон е обезбедување на заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност.

Оттука, Република Северна Македонија и Светската банка ќе склучат Договор за заем во износ од 125.000.000 евра, кои се дел од новата Рамка за партнерство на државата со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка договорена на 18 април 2019 година за периодот 2019-2023 година во висина до 420 милиони УСД за нови заеми во текот на следните четири и пол години на спроведување на Рамката за партнерство, во зависност од капацитетот за кредитирање на Светска банка, барањата на други заемопримачи, успешноста и приоритетите на земјата и глобалните економски настани.

Рамката за партнерство се фокусира на три меѓусебно поврзани области кои Република Северна Македонија ги има постигнато, како што се: Извозно - ориентиран раст; Подобрување на средината за конкурентен приватен сектор; Инклузивен раст, односно проширување на вештините и можностите за најранливите категории; и Одржлив раст, односно подобрување на одржливоста и градење на отпорност на шокови.

На оваа своја 150-та седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за новите дополнителни превентивни мерки кои ги презема Агенцијата за храна и ветеринарство, во координација со надлежните министерства, агенции, управи и јавни претпријатија за зајакнување на пограничните контроли за да се обезбедат сите неопходни мерки за да се спречи ширењето на болеста африканска чума кај свињите.

Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за динамиката и финансиските средства за реализација на проектите за изградба на магистрални гасоводи, Делница „Гостивар-Кичево“ и Делница „Свети Николе - Велес“, и го задолжи Министерството за финансии во соработка со МЕР АД Скопје да се обрати до меѓународни финансиски институции и билатерални кредитори со барање за обезбедување на средства во вид на заем обезбеден со државна гаранција за финансирање на проектите за изградба на овие магистрални гасоводи.

На денешната седница Владата ја усвои Информацијата за изготвување Закон за донирање на вишокот на храна и го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од 15 дена да го подготват и достават до Владата на Република Северна Македонија, Предлог-закон за донирање на вишокот на храна.

Министрите во Владата на РСМ ја разгледаа и усвоија Информацијата за потребата од зголемување на бројот на државните правобранители во Државното правобранителство на Република Северна Македонија.

На седницата Владата ја разгледа и усвои Информацијата за Програмата на економски реформи 2020-2022 година со Акциски план за реализација на препораките усвоени на Економско – финансискиот дијалог во мај 2019 година и ги задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, и останатите министерства, агенции и фондови надлежни за спроведување на Програмата на економски реформи 2020-2022, до 26 август 2019 година, до Министерството за финансии да достават дијагностика со предлог реформски мерки, согласно своите надлежности, кои ќе бидат составен дел од првата нацрт верзија на Поглавјето 5 од Програмата на економски реформи 2020 - 2022.

Владата денеска ја разгледа Информацијата за програмата и приоритетите на Финското претседателство со Советот на Европската Унија, со календар за одржувањето на неформалните министерски состаноци на Европската Унија, и го прифати мислењето на Секретаријатот за европски прашања за потребата од ажурирање на придружниот календар за одржувањето на неформалните министерски состаноци во рамки на Претседателството со неформалниот министерски состанок за правда и внатрешни работи за 3ападен Балкан, кој е предвидено да се одржи на 18-19 ноември 2019 година.