Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска во Општина Новаци, на настанот по повод увидот на напредокот на работите на магистралниот гасовод Неготино - Прилеп - Битола, одговараше на повеќе прашања на новинарите, кои посебен интерес покажаа за иднината на СЈО и на преговорите за донесување на новиот Закон за Јавно обвинителство.
Премиерот Заев во својот одговор истакна дека решение за в.д. специјален обвинител за СЈО треба да се најде колку што е можно побргу.
„Јас верувам дека тоа решение со в.д. ќе биде само времено зашто се надевам дека сите политички партии ќе можеме да најдеме консензуално решение, не подоцна од 15 септември, за поддршка и за изгласување на Законот на Јавното обвинителство. Како што сум информиран, работните групи во понеделник ќе продолжат со работа. Знам дека е премостливо тоа што можеме да го решиме, секако почитувајќи ги црвените линии, а тие се иднината на предметите, иднината на СЈО. Работните групи ќе информираат за деталите, но како што ме информираа можам да кажам дека не е нерешливо ако сите покажеме одговорност“, истакна претседателот на Владата на РСМ Заев и упати апел до правосудните органи, пред сè на обвинителскиот дел од правосудството, оваа ситуација да не дозволи да биде загрозен ниту еден предмет.
Премиерот Заев упати апел и до Советот на јавните обвинители час поскоро да постапи согласно законските решенија за избор на в.д. специјален јавен обвинител за да се обезбеди континуитетот на самите предмети и процеси.
На прашањето дали е оптимист дека работните групи кои работат на усогласувањето на разликите околу Предлог-законот за ЈО, ќе постигнат согласност во понеделник за да помине законот во Собранието во вторник на првиот работен ден на законодавниот дом после летните одмори, премиерот Заев рече дека е оптимист зашто во предлог решението на законот веќе се содржани преку 80% од решенијата кои дојдоа како предлог на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Во предлог решенијата имаме спојување на СЈО со Обвинителството за организиран криминал. Тоа обезбедува иднина и јас верувам дека во формулациите за обезбедување на иднина на самите предмети ќе се држиме до принципиелноста, до Уставот, законите. Очекувам да се договориме. Ако не се договориме, секој од пратениците ќе треба да се изјасни. Мојата надеж останува. Нема да коментирам дали има или нема двотретинско мнозинство. Тоа ќе се знае кога ќе дојде чинот на гласање. Но, искрено верувам дека заедно со опозицијата, со консензус, ќе ја обезбедиме поддршката на новиот Закон за ЈО“, потенцираше премиерот Заев на прашањето на новинарите за иднината на СЈО и за донесувањето на новиот Закон за ЈО.