Министерот Манчевски се обрати на прославата по повод Денот на рударите во РЕК Битола

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска присуствуваше на прославата по повод Денот на рударите, што се одржа во РЕК Битола.

Министерот Манчевски зборуваше за мерките кои ги презеде Владата за либерализација на пазарот со електрична енергија. Како што истакна тој и покрај дилемите и сомнежот дека тоа ќе значи зголемување на цената на струјата којашто ја плаќаат граѓаните и индустријата се покажа дека со домаќинско работење можно е да постигнете истовремено задржување на цената на електричната енергија, зголемување на производството на електрична енергија за сметка на поранешниот увоз и воведување на евтината тарифа на струјата.

„На овој начин дел парите коишто останаа, сега ги инвестираме во еколошки проекти, и тоа конкретно во РЕК. Како што знаете веќе е започната постапката за реконструкција на електростатските филтри на комбинатот. Владата ќе продолжи да дава поддршка на ваквите политики. Овие еколошки проекти придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани а тоа е императив на оваа Влада“, потенцираше министерот Манчевски.

Тој се осврна на важноста на рударскиот сектор за економијата во Северна Македонија, и мерките кои оваа Влада ги презема за развој на оваа гранка како и за подобрување на условите во кои работат рударите.

„Последните податоци говорат дека во јуни годинава рударството бележи пораст од 5,2%, споредено со истиот месец минатата година. Тоа значи дека инвестициите во рудниците, но и поддршката која ја дава Владата на овој сектор даваат резултати. Во Северна Македонија има градови кои се основани покрај наоѓалишта и отворени рудници за експлоатација на метали, така што оваа индустриска гранка во никој случај не смее да се занемари “, истакна министерот Манчевски.

Зборувајќи за последните реформи во оваа област, министерот Манчевски потсети на измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кои се намалува старосната граница за пензионирање на рударите. Придобивките од оваа измена веќе ги искористија 51 рудар.

Исто така, Владата изготви законско решение со кое рударите ќе можат да заминат во старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако сега рудар се пензионира со навршени 58 години, по ново се пензионира на околу 50 години.