Премиерот Заев од собраниската говорница на седницата за избор на нови министри и заменици: Буџетот е стабилен како никогаш досега, ребалансот отвора можности за креирање и поддршка на нови мерки и политики, а долгот на земјата се намалува

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во Собранието на РСМ, на седницата на која се гласа за двајца нови министри и тројца заменици-министри најави нови ефективни економски мерки кои ќе произлезат од ребалансот на Буџетот, кој треба да помине наредната недела на Владина седница, и додаде дека Буџетот е стабилен како никогаш досега. 

 

 

„Веќе следната недела ќе го предложиме ребалансот на Буџетот за да видите каква широчина им отвора на министерот за финансии и на економските ресори, како и на сите други ресори при креирањето на политики. Сите политики од економската сфера немаат ниту еден цент, ниту едно дени од кредити. Еврообврзниците и задолжувањата на домашниот пазар одат за враќање на старите кредити кои што доспеваат или за изградба на инфраструктура. Целото задолжување што го правиме оди за изградба на инфраструктурни проекти. Финансирањето на плати, на пензии на социјалните трансфери, здравството е од сопствените средства. Дел од кредитите одат железницата на Кооридорот 10, за патиштата, за гасификацијата, за болниците, но тоа се инфраструктурни проекти кои што враќаат пари назад“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Северна Македонија потсети дека оваа влада наследи долг од 49% од БДП, а дека сега тој изнесува 46,6% и дека ќе продолжи да се намалува.

Премиерот Заев информираше дека заемот за Клинички центар во моментот е во постапка на одлучување и ја чека новата министерка.

„Конзорциумот австриски банки понуди поевтин кредит во споредба со ЕБРД, Европска инвестициона банка, и Светска банка. Ќе продолжиме и понатаму со процесот транспарентно, и ќе се отворат сите понуди за да се знаат“, рече Премиерот Заев во врска со кредитот од 500 милиони евра за изградба на Клиничкиот центар.