Министрите Шекеринска и Димитров на средба со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Палмер: Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска на маргините на Бледскиот Стратешки Форум остварија средба со Метју Палмер, специјален претставник на САД за Балканот.

 

 

 

На средбата, фокусот на разговорите беше ставен на динамиката на процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО и севкупното значење од интегрирањето на земјата во Алијансата, како и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, за регионот и пошироко. Беа разменети мислења и за внатрешно политичките актуелности во земјата, а се разговараше и за случувањата во соседството. 

САД силно ја поддржуваат Северна Македонија во реализацијата на своите стратешки цели - полноправното членство во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Северна Македонија постави пример во решавањето на политичките прашања и отворањето на подобри перспективи за своите граѓани. Криминалот и неговите протагонисти ќе бидат казнети без исклучок, неказнивоста во земја членка на НАТО со европска иднина, не е опција - беше речено на средбата. 

Министерката Шекеринска се заблагодари на конзистентната поддршка од САД за членството на нашата земја во ЕУ и НАТО и потенцираше дека владата нема да дозволи ништо да застане на патот на интеграциите во НАТО и ЕУ.

„Оваа генерација политичари го направи чекорот за својата земја, го обезбеди членството во НАТО и го заслужи почетокот на преговори со ЕУ следниот месец. Тоа е патот по кој одиме, каде нема место за калкулации со одговорноста. Предметите на СЈО ќе имаат пресуди, секој што се огрешил пред Законот ќе одговара, без исклучок“, рече Шекеринска.

Специјалниот претставник на САД, за Западен Балкан повтори дека правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. „Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ“, рече Палмер. 

„НАТО промовира стабилност и во време на неизвесност, мудро е да го забрзаме процесот на интеграција за да го зацврстиме регионот и да го прифатиме своето европско ветување“, истакна Димитров.