Ден на независноста - 8 Септември

Одбележувањето на Денот на независноста - 8 Септември, годинава ќе се одвива под мотото „Боите на независноста“ и заедничката прослава ќе се одржи во Градскиот парк, пред Школка.

По повод одбележувањето на 8 Септември - Денот на независноста, Владата на Република Северна Македонија, ги кани сите граѓани на заедничко чествување в недела, во Градскиот парк во Скопје. Манифестацијата е со почеток во 11:00 часот. 

Ве покануваме почитувани медиуми и граѓани заедно да ги прославиме боите на слободата, на радоста и убавината“, изјави денеска на редовната прес-конференција портпаролот Муамет Хоџа. 

По повод Денот на државноста, во Градскиот парк ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев. 

Во рамки на прославата, предвидена е богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапуваат „Петко и 5+ бенд“, групите „Ај Кју“, „Денсерс Јунајтед“, Виолета Томовска, Елита Зибери и ди-џејот Драган Б. Костиќ. 

Ќе бидат поставени повеќе штандови, каде присутните ќе имаат можност да уживаат во традиционална храна од сите краеви на нашата земја, да учествуваат во спортски активности и да го проверат своето здравје. 

Заинтересираните граѓани ќе имаат можност да измерат притисок, да извршат очен преглед и да добијат повеќе информации за најновите мерки на Министерството за здравство, Управата за јавни приходи, да се запознаат и да ги проследат вештините на Армијата и на полицијата. Претставниците на Министерството за внатрешни работи ќе изведат показни вежби со кучиња, а припадниците на „Тигрите“ ќе помагаат при спуштање со алпинистичко јаже.

Штандот на Агенцијата за млади и спорт ќе обезбеди опрема за пинг-понг, бадминтон, карате и заинтересираните ќе имаат можност да испробаат дел од боречките вештини и да се запознаат со поволностите на Европската Младинска Картичка. 

На штандот на Министерството за труд и социјална политика, волонтери од невладина организација ќе информираат за Младинската гаранција и ќе биде организирана Изложба на фотографии од децата од малите групни домови. 

Граѓаните на штандот на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе имаат можност да се запознаат со мерките за поголема заштита на животната средина, како и да донесат и безбедно да ги одложат искористените батерии.

На два брендирани штанда, претставници на Дирекцијата за заштита и спасување ќе делат прирачници за заштита од пожари на отворен простор и ќе одржат практична демонстрација за користење на домашни ППА апарати.

Свеченото чествување на Денот на државноста на нашата држава, ќе започне со оддавање почит и положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, од делегација предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев, на гробовите на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров.

Календар Влада: 
E diel, Shtator 8, 2019 - 00:00 to 23:45