Премиерот Заев: Град Скопје во рекордно кратки рокови реконструираше повеќе главни градски сообраќајници и со тоа значително учествува во реализацијата на капиталните инвестиции

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на покана на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, и во придружба на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, синоќа изврши увид на работата на уште една многу важна сообраќајница - улицата „Благоја Стефковски“, главната улица која поминува низ населбата Маџари, и која ги поврзува Гази Баба и општините Илинден и Петровец.

Премиерот Заев во изјавата за медиумите на овој настан истакна дека еден подолг период граѓаните на Скопје се сведоци на интензивно изведување на работи на реконструкција на повеќе булевари и улици во градот, и додаде дека во рекордно кратки рокови реконструирани беа повеќе главни градски сообраќајници во сите десет скопски општини, како и дека помал дел од улиците што останаа согласно планот, ќе бидат реконструирани до крајот на овој или почетокот на следниот месец.

„Она што ја прави уште позначајна оваа градска сообраќајница е што ја обезбедува сообраќајната врска и комуникација на огромен број стопански субјекти и компании во овие три општини, кои формираат една од најдинамичните индустриски зони во градот.

За потребите на граѓаните и за потребите на индустриските и деловните субјекти, реконструкцијата на оваа улица ќе се искористи и за замена на дел од старата и поставување на нова подземна инфраструктура“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Заев, и додаде дека Град Скопје со интензивирањето на активностите во делот на изградбата на нови и реконструкцијата на постојните градски сообраќајници во значителен дел учествува во капиталните инвестиции на Република Северна Македонија.

Премиерот Заев рече дека примерот на Град Скопје е инспирација и за другите општини во државата целосно да им излезат во пресрет на потребите на граѓаните за изградба и за одржување на модерни сообраќајни решенија за одржлива урбана мобилност.

Во таа насока беше и изјавата на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов кој потенцираше дека долж улицата „Благоја Стефковски“ ќе бидат извршени и работи на придружната инфраструктура.

„По завршувањето на самата сообраќајница од едната страна имаме доволно простор, каде што ќе можеме да изработиме тротоари и велосипедска патека во широчина од четири и пол метри, со што ќе започнеме со сериозна изградба на алтернативниот начин на движење на граѓаните и можноста којашто овде досега ја немале на улица „Благоја Стефковски“, а којашто очекувам дека наредната пролет кога ќе започнеме со реконструкција на улицата „Александар Македонски“, да ја доизработиме и да го споиме овој дел на градот со велосипедски патеки со остатокот од нашиот град.“, соопшти Шилегов на настанот по повод увид во работите на реконструкцијата на улицата „Благоја Стефковски“ во Скопје.