Средба на Премиерот Заев со новиот холандски амбасадор Коп: „Поддршка за политиките на отворен дијалог и очекување да се задржи континуитетот во правосудните реформи важни за граѓаните и за ЕУ“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, денеска се сретна со Дирк Јан Коп, новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.

На средбата e констатирано дека Република Северна Македонија и Премиерот Заев лично, треба да се горди на досегашните постигнувања во демократскиот развој. Изразена е поддршка кон политиките на отворен дијалог на Премиерот Заев и на Владата. Во таа насока изразена е оценка дека државава работи на функционални институции, како и охрабрување за натамошен развој, посебно на капацитетите на правната држава.

Заеднички е констатирано дека обезбедувањето владеење на правото веднаш значи и подобра економија.

Премиерот Заев изрази благодарност за поддршката на европските држави, вклучително и на Кралството Холандија, за влогот и помошта кон нашата држава, во изградбата функционални институции, вклучувајќи ја и поддршката во областа на правосудството. Тој посочи дека Република Северна Македонија е држава со функционален Парламент, низ којшто со консензус се донесени клучните реформи што сега треба да донесат бенефит на граѓаните во интеграциска и економска смисла и дека Владата е посветена на ефективен дијалог со опозицијата, во името на модерната историја што ја живее нашата држава и отворените перспективи.

- Мора да има развој на капацитетите, посебно во правосудниот систем во којшто вложивме многу низ реформскиот процес, а во нив придонесоа и земјите членки на ЕУ. Потребно е да се обезбедат гаранции за предметите отворени од СЈО, бидејќи мораме да бидеме одговорни кон граѓаните и кон државата. Правосудството веќе прави чекори што покажуваат дека системот почнува да функционира на професионален и независен начин. Законот за Јавно обвинителство не е обврска кон ЕУ, но е добар аргумент пред октомврискиот Совет на ЕУ, дека како држава сме подготвени да ги развиваме капацитетите на институциите на европски начин. Во тој дух ги продолжуваме и разговорите со опозицијата и веруваме дека договор е можен, секаде каде што има волја за решение, рече меѓу другото, премиерот Заев.

На средбата е изразена поддршка за вреднување на покажаниот индивидуален напредок на Република Северна Македонија од страна на ЕУ, во пресрет на Советот на ЕУ во октомври.

Исто така, констатирано дека Република Северна Македонија е веќе видлива на економскиот пазар, како и дека постојат услови и обострана волја за поголема економска соработка меѓу нашата држава и Кралството Холандија.