Премиерот Заев на средба со претседателот на Претставничкиот дом на Чешкиот парламент, Вондрачек: Верувам дека одлуката за почеток на пристапните преговори во октомври оваа година ќе има позитивно влијание во целиот регион на Западен Балкан

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се сретна со претседателот на Претставничкиот дом на Чешкиот парламент, Радек Вондрачек во рамки на еднодневната посета во Прага, Чешка Република по повод ратификацијата на протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На средбата Премиерот Заев се заблагодари на пријателска Чешка Република, на чешкиот Парламент, Владата и граѓаните за поддршката на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес.

„Би сакал да изразам задоволство и радост што сум денеска тука токму кога чешкиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за пристапување во НАТО за Северна Македонија. Длабоко сум благодарен на чешкиот Парламент, Владата и граѓаните за оваа поддршка и очекувам нашето членство во НАТО да стане ефективно наскоро. Верувам дека одлуката за почеток на пристапните преговори во октомври оваа година ќе има позитивно влијание во целиот регион на Западен Балкан. Таквата одлука ќе даде порака дека Западен Балкан е составен дел на Европа, која што ќе го препознае генералниот напредок во реформите, инвестициите како и во решавањето на чувствителни прашања во нашата земја“, истакна Премиерот Заев и додаде дека стабилниот и просперитетен регион на Западен Балкан е во интерес на ЕУ, особено во однос на геополитиката, економијата и безбедноста.

Претседателот на Претставничкиот дом на Чешкиот парламент, Радек Вондрачек, изрази поддршка за членството на Република Северна Македонија во НАТО и потенцираше дека ова ќе биде голем исчекор за евроатланските аспирации на државата.

Чешката Република е 22 држава-членка на НАТО којашто го ратификуваше Протоколот за пристапување во НАТО за Северна Македонија.