Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска во Собранието на Република Северна Македонија го презентираше годишниот Извештај на Стратегијата за родова еднаквост за 2018 година

На 9 октомври 2018 година Владата на РСМ го усвои Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција за период 2018-2023. Во неговата изработка беа вклучени релевантни институции, граѓанскиот сектор, претставници од законодавниот дом и судии. Со цел усвојување на единствена правна рамка што ги уредува сите форми на родово базирано насилство, до крајот на 2018 година престои формирање на работна група за изработка на предлог-Закон за родово базирано насилство.

„Оваа година имаме издвоено двојно повеќе средства, односно 6 милиони и 400 илјади денари за имплементација на конвенцијата и отворање на сервиси за поддршка на жртви од родово базирано насилство, се со цел да ја зајакнеме заштитата. Сепак би сакала да истакнам дека превенцијата е она што е најмногу потребно во нашата држава. Кога ќе се случи жртва ние правиме максимум да ја заштитиме и да тоа не се повтори, но многу подобро за државата ќе биде да најдеме начин да тоа го превенеираме и токму во оваа насока работиме“, истакна Царовска.

Во контекст на Истанбулската конвенција беа воспоставени 3 центри за упатување на жртви на сексуално насилство, каде може да се обезбеди интегриран и целосен одговор на жртвите. Во насока на јакнење на националните капацитети за идентификување на жртви/потенцијлни жртви на трговија со луѓе во јануари 2018 година беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика за формирање на мобилни тимови. Овие тимови ќе придонесат кон продлабочување на соработката помеѓу овие две институции со цел идентификација на ранливите категории лица, меѓу кои спаѓаат и жртвите на трговијата со луѓе. Мобилните тимови се составени од социјален работник, полициски службеник и претставник од граѓанскиот сектор и официјално почнаа да функционираат во март 2018 година.

Понатаму, МТСП со UN Women започна со активности за воспоставување на Ресурсен центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање.

Центарот ќе обезбедува експертска поддршка, добри практики, истражувања и обуки за градење на капацитетите на државните службеници во областа на родовото одговорно буџетирање. Заедно со Агенцијата за вработување, МТСП настојува на еднакво учество на мажите и жените во активните програми и мерки за вработување, како и учество на младите лица до 29 години, од најмалку 30%.

„Се радувам што стигнавме до 50% искористеност на активните програми и мерки за вработување од страна на жени. Тоа значи дека едноставно мерките се поадаптирани и ова е важен чекор за активација на жените на пазарот на трудот. Исто така се усвои и новиот Закон за прекинување на бременоста, којшто и дава слобода и право на жената да решава за сопственото тело“, дополни Царoвска.

Со оперативниот план за вработување 2018 година беа опфатени активностите кои се однесуваат на специфичната стратешка цел- подобрување на политиките и мерките за надминување на пречките за зголемена вработеност на жените.