МТСП Царовска: Босилово за прв пат добива градинка

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, заедно со градоначалникот на Општина Босилово Зоран Зимбаков, денеска беа на увид на градежните активности на новата градинка во селото. Вкупниот капацитет на објектот е за 60 деца и се гради во населено место каде што досега немаше градинка.

„Од она што можев да го видам на терен а и од раговорот со градоначалникот, изградбата на градинката во Босилово тече според предвидената динамика. Нашата стратешка цел како Влада е вклучување на што повеќе деца во предучилишното образование. Крајната цел е да го зголемиме опфатот на деца во градинкитеза 50%, бидејќи раниот детски развој е клучен за понатамоштниот развој на секое дете. Затоа инвестираме и градиме по план, освен во градовите и во руралните средини кои немаа вакви објекти“, изјави Царовска.

За изградба и опремување на градинката во Општина Босилово, Министерството за труд и социјална политика инвестира речиси 16,6 милиони денари.

Министерството за труд и социјална политика продолжува да ги подобрува условите и квалитетот во детската заштитa. Oд мај 2017 до мај годинава МТСП инвестираше во изградба, реконструкција и опремување на вкупно 31 објект за детска заштита. Во тек е изградба и опремување на уште 12 објекти. Истоврмено ги јакнеме професионалните компетенции на кадарот и го враќаме достоинството на професијата воспитувач со зголемувањето на платите во просек за 16% и за дополнителни 5% на септемвриската плата која што ќе биде исплатена во октомври.