Министерот Сугарски и директорот на ЈПДП Китанов: Ја подобруваме патната инфраструктура во Маврово, за да го развиеме туризмот

„Со рехабилитацијата на патиштата во Маврово и Реканскиот крај, меѓу кои патниот правец од Гостивар кон Стража и Кичево и регионалните патишта Ново Село-Маврово, Маврово-Никифорово, Маврови Анови – с.Маврово и Маврови Анови-Жировница ќе обезбедиме услови за развој на туризмот и поквалитетен живот за жителите на овој регион“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Маврово-Никифорово.

Проектот за рехабилитација на регионалниот пат Маврово-Никифорово е во вредност од 53 милиони денари, градежните работи се одвиваат со забрзана динамика и се очекува да заврши до крајот на месец октомври.

 

 

Во изјава за медиумите, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека со засилено темпо се одвиваат и градежните работи на автопатот Кичево-Охрид.

„Подобрувањето на состојбата на патиштата е од особено значење и за граѓаните и за компаниите, па затоа со ЈП за државни патишта максимално сме посветени на реализација на она што го ветивме. Најавивме економска година, интензивно работиме на реализација на инфраструктурни проекти и резултататите се веќе видливи. Тоа го потврдуваат и последните податоци за Бруто Домашниот Производ за вториот квартал, каде имаме раст од 3,1 % , а само градежништвото бележи раст од 2,8 %. Со исто вакво темпо продолжуваме и во следниот период“ - изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Министерот Сугарески додаде дека Владата ќе остане посветена на создавање услови за економски развој и конкурентност на секој од регионите, како и поквалитетен живот на граѓаните.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека во тек е завршната фаза од рехабилитацијата на регионалниот пат Маврово-Никофорово и се очекува до крајот на следниот месец да биде комплетно завршен. 

„Се наоѓаме во финалната фаза од рехабилитацијата на патниот правец Маврово-Никифорово. Не треба ни да спомнувам во каква состојба беше овој пат кој беше заборавен со години. Моментално се работи и на санација на свлечиштето од Маврово до Галичник. Во овој регион наскоро ќе започнеме со реализација на два значајни проекти, а тоа е реконструкција со проширување на патниот правец Никифорово-Леуново-Бунец во должина од 11 километри и рехабилитација на регионалниот пат Маврови Анови-Жировница во должина од 18,5 километри и вредност од 7 милиони евра“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Директорот Китанов додаде дека оваа година ќе заврши со рехабилитирани најмалку 500 километри патишта, а уште од сега е планирано распишување на јавни повици за рехабилитација на преку 350 километри патна мрежа во текот на следната година.