Средба на премиерот Заев со генералниот директор на Европската канцеларија за борба против измамите, Итала: Видлива е волјата и определбата за справување со ризиците за финансиски злоупотреби

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од раководителот на Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор и координација на борбата против измама на ЕУ средства, Фатмир Адеми и главниот ревизор за ИПА во Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), Адем Цури, се сретна со Виле Итала, генерален директор на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измамите, придружуван од претставници на Канцеларијата, како и од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Целта на средбата е интензивирање на соработката помеѓу нашата држава и Европската канцеларија за борба против измамите, во пресрет на очекувањата за добивање датум и отпочнување на преговорите на нашата држава со ЕУ, со што се отвораат поголеми можности за нашата земја до ИПА фондовите на ЕУ.

На средбата е истакнато дека е видлива волјата и определбата на Владата на Република Северна Македонија и на нашата држава, за справување со ризиците за финансиски злоупотреби на европски ИПА средства или на пари на даночните обврзници во земјава.

Заеднички е констатирано дека клучни во борбата против можните финансиски измами, покрај соодветната законска регулатива, се и соработката со ОЛАФ, транспарентноста на државните институции при користењето на средствата, како и довербата.

„И од значење за нашата држава е зајакнувањето на соработката со ОЛАФ, којашто ќе биде од голема помош посебно после октомври, кога очекуваме позитивна одлука од Советот на ЕУ за интеграцискиот процес. Сакаме да сме јасни во определбата, како држава и како Влада, за одговорно насочување и употребување на парите од достапните европските фондови. Нашата определба како Влада е да бидеме вистинска европска земја, со примена на сите европски вредности, меѓу коишто се и транспарентноста и зајакнувањето на капацитетите на институциите. Посебно сме фокусирани кон обезбедувањето функционален правосуден систем и не селективност пред правдата, без разлика дали станува збор за претходни криминални и корупциски случаи или можни актуелни случаи. Веќе има првични резултати од реформите во правосудството и ќе продолжиме да даваме аргументи пред државите на ЕУ и нивните граѓани, дека ја заслужуваме укажаната доверба“, рече премиерот Заев.

На состанокот е разговарано и за поконкретни активности во меѓусебната соработка. Во таа насока е и Меѓународната конференција за единиците на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, за координација на борбата против измама, што се одржува во Скопје, за којашто е дојдена и делегацијата на ОЛАФ предводена од генералниот директор Виле Итала, а на којашто присуствуваат и претставници од институциите во државава.