Државниот врв обединет во намерата за одлучна борба и организиран пристап во справувањето со нападите на центрите за дезинформации и лажни вести врз демократијата во нашата земја

Тргнувајќи од феноменот на дезинформациите и лажните вести како дел од предизвиците на демократијата и како алатка која се користи за манипулација на граѓаните, и имајќи ја предвид злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања кои вршат сериозен упад во демократските и изборни процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа првиот, конститутивен состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата на иницијатива на Владата на Република Северна Македонија.

На оваа конститутивна средба присуствуваа Претседателот на Државата, Претседателот на Собранието и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и претставници на нивните кабинети, министрите за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи, за информатичко општество и администрација, како и директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Оперативно техничката агенција.

Во своето воведно обраќање на состанокот министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, укажа и на фактот дека Република Северна Македонија во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на лажни вести и дезинформации, и на сознанијата дека дел од дезинформациите биле споделувани и од териториите на други држави.

„Оваа акциска група ќе служи исклучиво за координација на активностите на државните институции и ќе биде на располагање за континуирана координација со останатите чинители на општеството кои даваат свој придонес или имаат водечка улога во борбата со дезинформациите“, истакна министерот Поповски

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во своето обраќање нагласи дека пропагандата, дезинформацијата и „лажните вести“ имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат говор на омраза и насилство, и конечно, да ги поткопаат демократиите и да ја намалат довербата во демократските вредности.

Премиерот Заев укажа дека нашата земја не е надвор од овие глобални закани, и дека во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и на традиционалните медиуми. 

Тој ја посочи кампањата со дезинформации и лажни вести поврзани со договорот помеѓу Северна Македонија и Грција како одличен пример какви ефекти сакаа да постигнат манипулациите и дезинформациите.

„Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата ја иницираше подготовката на Предлог акциски план за борба против дезинформации и напади на демократијата. Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата. Со овој настан започнуваме нова фаза во нашиот организиран пристап во справувањето со нападите на центрите за дезинформации и лажни вести врз демократијата во нашата земја. Оваа денешна конститутивна седница на Акциската група за координација на институционалниот дел од борбата против дезинформациите е еден од првите поголеми чекори кои ги преземаме“, рече премиерот Заев и додаде дека следуваат , уште во месец октомври, серија консултации со граѓанските организации, со новинарскиот еснаф, со медиумските организации, со факт чекерите, со граѓаните, со сите кои сакаат да се вклучат и со сите кои веќе предводат иницијативи против дезинформациите.

Премиерот Заев потенцираше дека поткопувањето на владеењето на правото и политичката стабилност, како цел на дезинформациите и лажните вести, меѓу другото, влијае и на работата на медиумите, и го оцени како исклучително значаен и придонесот на медиумите, медиумските и граѓанските организации, новинарите и граѓаните, кои се определени против злото наречено лажни вести кое ја загрозува демократијата.

„Во насока на обезбедување услови за квалитетно новинарство во дигиталната ера, политиките на Владата секогаш се раководат од тоа што медиумите и медиумските професионалци ќе го утврдат како највисоки етички стандарди во остварувањето на нивната благородна професија. Секој придонес треба да се гледа како дел од една широка акција за креирање, покрај План за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво кој се однесува исклучиво за работите кои ги опфаќаат Владините и другите државни институции“, нагласи Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев. 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери изрази задоволство што тој, и Собранието се дел од овој прв, толку неопходен чекор во оваа насока, и додаде дека оваа иницијатива е знак дека оваа негативна појава, односно дезинформирањето поттикна потреба од преземање на оваа конкретна акција.

„Ме радува фактот дека сме собрани во ваков состав, тоа е знак дека оваа појава која не засегнува како држава е сериозно сфатена а од информацијата што беше споделена, можев да согледам дека е во процес и изработката на Акциски план за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво со цел зајакнување на националната безбедност и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија, и тоа го поздравувам“, рече Претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски истакна дека преку овој процес, и нашата земја се приклучува кон иницијативите кои веќе се имплементираат во десетина од најразвиените држави во светот, и на тој начин ја презема одговорноста за јакнењето на внатрешната демократија, но, и на демократијата во глобални рамки.

„Иницијативи од овој тип преземаат не само владите и државните институции, туку и големите медиумски куќи, технолошките гиганти и граѓанските организации кои знаат дека борбата со дезинформациите ја поттикнува медиумската писменост и безбедната употреба на интернетот, но, знаат дека тоа, пред се, значи и преземање на сериозна општествена одговорност за нашата заедничка иднина“, рече во своето обраќање на првиот конститутивен состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата на иницијатива на Владата на Република Северна Македонија.

Во завршницата на состанокот уште еднаш беше истакнато дека безбедносните мерки што ќе се преземат по прашањето на лажните вести и дезинформациите на оваа акциска група се однесуваат исклучиво на работата Владата и другите државни институции.

Кога станува збор за проактивните мерки, Владата на Република Северна Македонија, како засегната страна, очекува да произлезат од широката и сеопфатна дебата која ќе биде иницирана уште во текот на месец октомври, во која ќе бидат вклучени сите засегнати и сите заинтересирани страни: Медиумите, медиумските и граѓански организации, новинари и поединци кои се определени против злото наречено лажни вести кое ја загрозува демократијата. 

Истовремено, Владата ќе ги прифати и активно ќе учествува во сите слични иницијативи организирани од релевантни организации кои ќе се вклучат во подготовката на одлучна акција против ширење дезинформации.

 


 

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во целост:

Пропагандата, дезинформацијата и „лажните вести“ имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат говор на омраза и насилство, и конечно, да ги поткопаат демократиите и да ја намалат довербата во демократските вредности.

Низ широките порти за добредојде на новата дигитална ера, се протнаа и – алгоритмите на пропагандата, дезинформациите и евтините и лажни квазиновинарски приказни.

Трендот на ширење „шокантни“ вести – невистини е најголем поткопувач на демократските, реформските, прогресивни процеси во општеството.

Денес, користејќи ја развиената технологија, дезинформациите влијаат на нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. 

Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпеливост се заеднички непријател на помирувањето на земјите и народите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација.

За глобалната димензија на заканите од дезинформациите и лажните вести говорат и овие два податока: Република Франција донесе Закон за борба против лажните вести, а Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави заклучи дека лажните вести и дезинформациите што се објавуваат на социјалните медиуми се закана за безбедноста на земјата и активираше проект за возвраќање на ударите од „автоматизираните напади со дезинформации“.

Република Северна Македонија не е надвор од овие глобални закани. Напротив, нашата земја во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и на традиционалните медиуми. 

Кампањата на дезинформации и лажни вести поврзани со договорот помеѓу Северна Македонија и Грција е одличен пример какви ефекти сакаа да постигнат. 

Кампањата со лажни вести за договорот од Преспа имаше за цел да ги дезинформира граѓаните и преку пласирање на лажни или искривени факти, да ги дестимулира да излезат на гласање, за да се дискредитира референдумот, а најголемиот интензитет имаше за време на самиот референдум.

Најчесто се базираа на селективно избрани сегменти од членови на договорот на кои им беа додавани нови значења преку шпекулации и кои беа претставувани како факти, за да бидат претставени во погрешно светло со потпалувачки изјави. 

Тезите кои се пласираа во јавност беа: „Го губиме идентитетот и се брише сè што е македонско“ ; „Грција го напиша нон-пејперот со уставните амандмани што треба да ги спроведе Владата“ ; „Се менуваат меѓународните кодови и кратенки“ ; “Готово е, јазикот ќе биде северномакедонски”. Дезинформации за наводно бришење клучни поими од Уставот како “Се брише АСНОМ од уставот”; Договорот нема да помине во Грција; Ќе го смениме името и ќе останеме извисени; Грција нема да го почитува договорот во иднина. Лаги, невистини, дезинформации.  

За пошироката публика беше ширена и дезинформацијата дека Договорот и референдумот немаат поврзаност со влегувањето во ЕУ и НАТО и дека е можна интеграција на земјата во тие структури без промена на името. Односно, дека компромисот со Грција не само што е штетен туку и непотребен. Или пак, се сеќавате на една вест која тврдеше дека замислете „бугарски кран влезе во Македонија, ќе се отстранува споменикот на Александар Македонски” – после што мала група граѓани се собраа на плоштадот во Скопје да го бранат споменикот од бугарскиот кран. 

Денес сме сведоци дека сите тие така наречени вести – беа лажни. Имаа цел да манипулираат, да го вознемируваат населението.

Почитувани,

Слободата на говор е загарантирано човеково право, но злоупотребата на тоа право, во форма на дезинформирање, наведување или манипулативно пропагирање, многу лесно се рефлектира врз целокупната безбедност и стабилност, и не е ни одблиску слобода на говор.

Во една демократска земја, активната транспарентност е најсилниот непријател на лажните вести и дезинформациите. 

Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата ја иницираше подготовката на Предлог акциски план за борба против дезинформации и напади на демократијата. Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата.

Предлог акцискиот план е сублимат на процеси, проекти, мерки и препораки за борба со дезинформациите, изработен како резултат на следењето на мерките на Европската Комисија, Секторот за комуникации на НАТО, како и Комитетот на експерти за квалитетно новинарство при Советот на Европа.

Огромен е придонесот и на Британската Влада во нашата поширока иницијатива за професионализација на комуникациите на владата и на ПР службите, понатаму соработката со УСАИД, и со Европската мрежа за дигитална дипломатија поддржана од Стејт Департментот на САД.

Со овој настан започнуваме нова фаза во нашиот организиран пристап во справувањето со нападите на центрите за дезинформации и лажни вести врз демократијата во нашата земја.

Оваа денешна конститутивна седница на Акциската група за координација на институционалниот дел од борбата против дезинформациите е еден од првите поголеми чекори кои ги преземаме.

Следуваат , уште во месец октомври, серија консултации со граѓанските организации, со новинарскиот еснаф, со медиумските организации, со факт чекерите, со граѓаните, со сите кои сакаат да се вклучат и со сите кои веќе предводат иницијативи против дезинформациите.

Почитувани, 

Поткопувањето на владеењето на правото и политичката стабилност, како цел на дезинформациите и лажните вести, меѓу другото, влијае и на работата на медиумите.
Во насока на обезбедување услови за квалитетно новинарство во дигиталната ера, политиките на Владата секогаш се раководат од тоа што медиумите и медиумските професионалци ќе го утврдат како највисоки етички стандарди во остварувањето на нивната благородна професија.

Оттаму, за поздравување е неодамнешната иницијативата на Здружението на новинарите на Македонија, Стопанската комора и Советот за етика во медиумите, за регистар на професионални онлајн медиуми со кој ќе и се посочи на јавноста кои портали ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, кои се тие кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум.

Всушност, за поздравување е секоја иницијатива која придонесува да се направи јасна разлика меѓу новинарската критика и лага. Мораме сите ние како граѓани да направиме разлика меѓу критиката која е сојузник, и лагата која е непријател на нашето демократско општество. 

Секој придонес треба да се гледа како дел од една широка акција за креирање План за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво: Институциите на државата исклучиво за работите кои ги опфаќаат Владините и другите државни институции, и придонесот на медиумите, медиумските и граѓанските организации, новинарите и граѓаните, кои се определени против злото наречено лажни вести кое ја загрозува демократијата.

Ние, како Влада ќе бидеме тука да ја поддржиме саморегулацијата во делот на интернет порталите, да иницираме широка јавна кампања за едукација на граѓаните во која ќе се вклучиме сите засегнати страни. Тука сме да обезбедиме програми и ресурси за медиумска писменост. Тука сме за да создадеме или да поддржиме амбиент на општествено сојузништво за одбрана на демократијата.

Такви треба да бидат и одговорите и затоа е неопходен координиран одговор од сите засегнати. Затоа следуваат консултации со граѓанскиот сектор, на кои очекувам да се вклучат сите релевантни институции.