Премиерот Заев го прими новоименуваниот кинески амбасадор Џанг Ѕуо: Билатералните односи се на високо ниво, ги реализираме проектите кои носат економски бенефити за граѓаните и државата

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Н.Е. Џанг Ѕуо, новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Северна Македонија, кому му ја честиташе функцијата посакувајќи му успешна дипломатска мисија и изразувајќи надеж за продолжување на динамиката и нагорниот тренд во развојот на севкупните пријателски односи меѓу двете земји.

Премиерот Заев изрази убедување дека развојот на трговските и економските односи ќе продолжи на високо ниво, особено во рамки на Процесот за соработка „17+1“.

Исто така, беше изразено задоволство од реализацијата на досегашните проекти во областа на патната инфраструктура и беше констатирано дека постои голем потенцијал за проширување на проектната соработка и во други области како земјoделството, енергетиката, образованието, туризмот и културата.

Посебно беше поздравено тоа што Скопје е седиште на Координативниот Центар за културна соработка на „Процесот 17+1”, отворен во март минатата година и беше изразено заедничко задоволство што Северна Македонија ќе биде домаќин на Културниот форум за земјите од „Процесот 17+1” во периодот од 19-ти до 21 ноември 2019 година.

Амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо, на премиерот Заев му ги пренесе поздравите од кинескиот премиер Ли Кечијанг, изразувајќи поддршка кон политиките кои ги води Владата во однос на одржување пријателски односи со соседите, преземените реформски процеси и остварување на стратешките цели на државата.

Беше нагласено дека ќе продолжи соработката за реализирање на започнатите проекти и двете страни ќе се заложат за проширување на сферите за соработка со цел зголемување на компаниите кои ќе инвестираат во Република Северна Македонија.