Премиерот Заев од Берово: Владата е максимално посветена на поддршката за развој и подигање на капацитетите на единиците на локалната самоуправа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на министерот за земјоделство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и земјоделство Никола Бабовски и градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски, денеска го означија стартот на работите на реконструкцијата на локалната патна инфраструктура, која вклучува и мостови, за поврзување на повеќе села од општината до регионалниот пат во должина до 7 километри.

Вредноста на реконструкцијата на локалниот пат од село Владимирово до регионалниот пат е околу 19 милиони денари, од кои 13,3 милиони денари се обезбедени преку Програмата за рурален развој поддржана од Владата на Република Северна Македонија.

„Реализацијата на оваа, и на другите капитални проекти од оваа Програма ќе придонесе за севкупен развој на инфраструктурата во Република Северна Македонија, а со ефикасно искористување на овие мерки ќе се решат проблемите со комуналната и патната инфраструктура во руралните средини.

Реализацијата на проектите ќе обезбеди солидна урбана и транспортна инфраструктура во и надвор од руралните населени места, со единствена цел подобрување на условите за живот на граѓаните и позитивно влијание на развојот на економските активности“, истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите. 

На повикот за апликации за Програмата за рурален развој, која опфаќа три мерките се како што се “Подобрување на квалитетот на живот во рурални средини“, „ Обнова и развој на селата“ и „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“, дури 80 општини поднесоа вкупно над 200 капитални проекти за изградба и реконструкција на локални патишта потребни за поврзување на населени места, изградба и реконструкција на пазари, партерно уредување, плоштади, домови, мостови, канализациона инфраструктура, водоснабдителна мрежа, како и за инвестиции за развој на одредени туристички точки кои што можат да бидат интересни како за домашните така и за странските туристи.

„За реализација на овие мерки, Владата на Република Северна Македонија обезбеди 38 милиони евра, а досега се потпишани договори со 19 општини. Останатите се во фаза на подготовка за потпишување и после што ќе следуваат тендерски постапки“, информираше премиерот Заев и додаде дека освен за овој, Општина Берово има конкурирано уште со два проекти во оваа програма, и сите три се одобрени. 

Владата на Република Северна Македонија со оваа Програма, како и со повеќе други активности и мерки, нагласи во изјавата премиерот Заев, останува максимално посветено на поддршката за развој и подигање на капацитетите на единиците на локалната самоуправа.

Министерот Димковски изјави дека со помош на мерките од Програмата за рурален развој, општините ќе ги решат проблемите во патната и канализационата инфраструктура и ќе обезбедат подобри услови за живот и ефикасно искористување на мерките од ИПАРД 2 програмата. 

“За жителите од секоја општина е важно да имаат подобар пристап до земјоделското земјиште што го обработуваат, со нови локални патишта побрзо да стигнуваат до градовите и селата, да имаат чиста вода за пиење што ќе се овозможи преку инвестиции во водоснабдителната мрежа, домови за култури, современи пазари “, изјави министерот Димковски.

Градоначалникот на општина Берово, Пекевски, изјави дека реконструкцијата на локалниот пат според договорот ќе заврши за месец и половина.

„Морам да потенцирам дека овој пат е изграден 1996 година и сега за прв пат после толку години се врши негова реконструкција. За нас како општина овој проект значи многу поддршката од Владата на Република Северна Македонија за вакви проекти кои овозможуваат подобрување на локалната патна инфраструктура, полесен пристап на земјоделците до нивните имоти и развој на локалната економија“, изјави градоначалникот Пекевски

Директорот на Платежната агенција, Бабовски изјави дека со помош на овој проект општина Берово ќе овозможи транзит на стока, услуги и добра кон селата Владимирово и Русиново а со тоа ќе се намалат трошоците за превоз на жителите од овој крај, затоа што оваа делница ја користат над 2.000 жители.