Премиерот Заев и делегација на Владата на РСМ на 23 септември го започнува учеството на Генералното собрание на ОН

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и владина делегација во состав заменик-претседател во Владата на РСМ за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот за здравство, Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, од 23 до 28 септември ќе учествуваат во работата на Генералното собрание (ГС) на Обединетите нации во Њујорк, кое оваа година се одржува по 74-ти пат. 

Премиерот Заев и министрите во делегацијата ќе учествуваат во работата на форумите во рамките на четирите самити кои оваа година се организирани, во Самит за климатските промени, Самит за универзален пристап до квалитетни здравствени услуги, Самит за целите за одржлив развој и Самит за финансирање на развојот. 

Програмата на премиерот Заев предвидува официјална средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од Претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија, по повод одржувањето на 74-тото Генералното собрание на ОН. 

Интензивната програма на премиерот Заев и на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, на овој настан од глобални димензии, е исполнета и со голем број билатерални средби и учества на настани и дискусии во организација на шефови на држави или влади, како и во организација на тинк-тенк и други меѓународни организации и академски и медиумски институции. 

Официјалното обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на Генералното Собрание на Обединетите Нации е предвидено за 28 септември, во претпладневната сесија.

Календар Влада: 
Понеделник, Септември 23, 2019 - 00:00 to Сабота, Септември 28, 2019 - 23:45