Со учество во работата на Самитот за климатски промени започнаа активностите на делегацијата на Владата на Северна Македонија на 74-тото Генерално собрание на ОН

Светските лидери учесници на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во седиштето на организацијата во Њујорк, денеска го започнаа официјалниот дел од програмата на која оваа година во фокусот е Самитот за климатски промени.

Шефовите на држави и влади и членовите на нивните делегации дојдоа со заложба да ги поттикнат акциите за заштита на планетата утврдени со Парискиот договор.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и владина делегација во состав заменик-претседател во Владата на РСМ за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, ќе учествуваат во работата на меѓувладиниот панел за климатски промени, и на други форуми, каде што ќе бидат презентирани и усогласени национални агенди за намалување на емисиите на јагленороден диоксид и други честички што ја уништуваат озонската покривка и што го загадуваат воздухот.

Справувањето со климатските промени како носечка тема оваа година на Генералното собрание на ОН има за цел да го помогне остварувањето на Одржливите цели за развој усвоени во 2015 година, кои дополнително ќе бидат евалуирани на уште еден од петте самити на собранието оваа година.

Денеска во седиштето на ОН во Њујорк започнува работата и на Самитот за универзален пристап до квалитетни здравствени услуги, на кој свое обраќање ќе има министерот за здравство, Венко Филипче, а наредните денови се отвора работата и на Самитот за финансирање на развојот.

Во рамките на денешната агенда Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ќе присуствува на посебниот настан во организација на Мисијата на Соединетите Американски Држави во ОН, „Глобален повик за заштита на верските слободи“, на кој главен говорник е Претседателот на САД, Доналд Трамп.

Присуството на највисоки претставници на земјите членки на ОН, шефови на држави и влади, делегацијата на Владата на Република Северна Македонија ќе го искористи за повеќе билатерални средби и учества на повеќе форуми, собири и други настани на маргините на 74-тото Генерално собрание на ОН.

Во текот на денешниот ден, премиерот Заев и членовите на владината делегација ќе остварат одделни средби со премиерот на Естонија, Јури Ратас и со делегацијата на Азербејџан, предводена од Министерот за надворешни работи, Новруз Мамадов.