Премиерот Заев и владината делегација учествуваа во работата на главната дебата на годинешното Генерално Собрание на ОН

Генералното собрание на Обединетите Нации, кое оваа година се одржува по 74-ти пат, денеска и официјално започна со работа со свечен дочек на шефовите на држави и влади и шефови на делегациите од страна на Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со сопругата Зорица Заева присуствуваше на свечениот прием што го приреди Генералниот секретар Гутереш во чест на 74-тото Генерално собрание, по што следуваше отворањето на генералната дискусија „Забрзување на мултилатералните напори за елиминирање на сиромаштијата, за квалитетно образование, за климатска акција и за инклузивност“, која оваа година ги опфаќа темите на сите пет самити.

Во работата на генералната дискусија учествуваше и владината делегација од Северна Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, и министрите за надворешни работи, здравство и за животна средина и просторно планирање Никола Димитров, д-р Венко Филипче и Насер Нуредини.

Во текот на денот премиерот Заев ќе оствари повеќе билатерални средби и ќе присуствува на приемот што за шефовите на делегациите на Генералното собрание на ОН го приредува Претседателот на САД Доналд Трамп, како и на приемот на Европската Унија каде што домаќин е Претседателот на Европскиот Совет Дoналд Туск.