Премиерот Заев на пленарната сесија на Генералното собрание на ОН: Продолжуваме да работиме со сите засегнати во денешниов фрагментиран свет, дејствуваме во сопствените земји за подобар свет за сите нас

Интегрален говор на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на пленарната сесија на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

 

 

Почитуван Генерален Секретар,
Почитуван Претседателе,
Почитувани дами и господа, екселенции и колеги,

Мојата земја е членка на Обединетите Нации од 1993 година, но денес за првпат ви се обраќам како претставник на Република Северна Македонија. Оваа година стапи во сила Спогодбата од Преспа, со што се реши 27-годишната разлика што ја имавме со Грција. Билатералната разлика имаше сериозни негативни и регионални и мултилатерални импликации и за жал стана позната во целиот свет како тежок и закоравен проблем.

Денес имаме само придонеси од решената разлика. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Сега имаме исклучително добри односи со Грција. Билатералната соработка е подобрена. Со тоа придонесовме да зајакне регионална стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан. 

Спогодбата од Преспа, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ. 

Сакам овде да подвлечам дека сме благодарни на ОН за целата поддршка, што најмногу се виде преку 20-годишната посветена и неуморна работа на Метју Нимиц, Специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, кој работеше со нас на изнаоѓање на решението. Веруваме дека Спогодбата од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Таа е корисен пример за многу други отворени прашања. Секој проблем е различен и специфичен на овој свет, но дијалогот и дипломатијата остануваат најдобриот пристап во нивното решавање. Како лидери на своите земји им должиме на граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот и да создадеме услови за развој и подобар живот за сите.

Почитувани колеги, 

Имам чест да се обратам пред ова важно тело во време кога е особено важно одново да се обединиме во борбата против постоечките и новонастанати предизвици и одново да ги изразиме заложбите за нашите заеднички вредности – мир, демократија, човекови права, владеењето на правото и одржлив развој. Светот е на крстопат и затоа потребна ни е посилна Организација на Обединетите нации, која ќе застане зад сите и ќе испорача резултати за сите. И никого да не остави зад себе. Во свет обременет со несигурност потребен е меѓународен поредок заснован на правила, делотворен мултилатерализам, во кој суштинска улога ќе имаат силни Обединети нации фокусирани врз дејствување.

Одговорното управување, на внатрешен план и во рамките на меѓународните организации, бара нови, повеќестрани и разновидни вештини, но истовремено и смели приоди и решенија, засновани на строго почитување на договорените начела и норми. 

Светот и натаму се соочува со проблеми кои ги надминуваат границите, проблеми кои очигледно се вон нашата индивидуална контрола. Овој август, за прв пат во историјата, Исланд загуби цел еден глечер заради климатските промени. На една карпа во Исланд беше поставена бронзена плоча во спомен на нешто што се чинеше вечен глечер и со цел да не се заборави неговото исчезнување како резултат на глобалното затоплување. Ова треба да биде глобално предупредување за сите нас. 

На почетокот на оваа недела разговаравме за тоа што е итно потребно со цел целосно да ги исполниме преземените обврски за ублажување на климатските промени. Самитот за климатски промени, организиран од Генералниот секретар со мотото „Трка во која може да победиме. Трка во која мора да победиме“ ни овозможи да ја зацврстиме нашата заложба кон Парискиот договор, потоа нашите амбиции да ги подигнеме на уште повисоко ниво, да го препознаеме и прифатиме влијанието на климатските промени врз безбедноста и стабилноста во светот и разорните последици од овие промени врз човештвото. Самитот исто така ни овозможи да ја мобилизираме енергијата на различни засегнати страни кои работат на климатските промени и да прифатиме дека нашата задача во овој контекст е од глобален карактер. Но она што сите ние го правиме на домашен план е од суштинско значење за успехот. Затоа, Национално дефинираните придонеси се клучни за да се забрзаат активностите во однос на климатските промени. Република Северна Македонија ги зголеми националните придонеси според Парискиот договор, а истите се инкорпорирани како цели во нашите национални закони и политики.

Во овој контекст, исто така дебатиравме и ја спроведуваме Агендата 2030 и Одржливите развојни цели, коишто произлегуваат од истата, а кои се од централно значење за постигнување на вистинска промена и градење на одржлива иднина за сите. Елиминирањето на сиромаштијата, нееднаквоста, негативното влијание на климатските промени и деградацијата на животната средини и сите други важни цели, кои допираат многу области и се меѓусебно поврзани, нудат огромни можности со цел земјите и меѓународните организации да дејствуваат и да го обезбедат постигнувањето на овие цели до 2030 година. Владата на Северна Македонија целосно се залага за спроведување на Агендата 2030 и работи на интегрирањето на Одржливите развојни цели во националните стратешки документи и локалните планови. 

Господине Претседателе,

Извештајот на Генералниот секретар за работата на нашата Организација дава преглед на состојбите во светот и за напорите на Обединетите нации во однос на истите. Извештајот ни дава јасна слика за успесите, но и за неуспесите, за приоритетните прашања и за идните правци на дејствување. 

Генералниот секретар со право ја спомна Спогодбата од Преспа склучена меѓу мојата земја, сега Северна Македонија и Грција, како една од светлите точки од изминатиот период.

Пред две години, пред ова Собрание ја изразив нашата одлучност да најдеме решение со Грција за прашањето за името. Во јуни минатата година ја потпишавме Спогодбата и оваа година на 14 февруари, Спогодбата влезе во сила.

За да стигнеме до оваа пресвртница требаше добра верба и пред сè визија. Беа потребни и дипломатија, упорност и заемна доверба. Спогодбата има за цел да ја надмине историјата на недоверба и обременети односи, поставувајќи ги темелите за нова ера, ера на пријателство и идно партнерство. Одлучивме да ги оставиме зад нас закоравените ровови од минатото и да се свртиме кон нови посветли перспективи и напредок, преку партнерство и решенија постигнати преку соработка.

Немавме гаранции за успех. Успехот го постигнавме заедно со нашите колеги од Грција. Ова е пресвртница која треба да служи како катализатор на процесот на трансформација на Балканот. Таа може да послужи и како пример за надминување на тешки долготрајни проблеми, за кои се чини нема решение. 

Компромисот ги отвори вратите за да можат мојата земја и народ да ги постигнат целите на кои работиме долго време, односно нашето зачленување во ЕУ и НАТО. Во однос на прашањето на нашето пристапување кон НАТО, очекуваме во блиска иднина да станеме 30-тата членка на НАТО. Останувам уверен дека суштинскиот напредок постигнат во спроведувањето на реформите на домашен план, заедно со решавањето на отворените прашања во односите со нашите соседи се доволно силни аргументи за почеток на преговорите за пристапување кон ЕУ. 

Господине Претседателе,
Дами и господа, 

Мојата земја е активен партнер на меѓународните коалиции против тероризмот и ќе продолжи да придонесува кон мултилатералните напори за борба против тероризмот и сите проблеми кои произлегуваат од истиот. 

Изразуваме пофалби за работата и заложбите на Генералниот секретар во оваа област. Тој ја заслужува сета наша поддршка. 

Во овој контекст сериозните состојби во Сирија, Јемен, Либија, Авганистан, сложената ситуација на Блискиот исток и сериозната ситуација во делови на африканскиот континент го бараат нашето целосно внимание и делотворна дипломатија. 

Уште еден современ предизвик се масовните миграции. Веќе со години сме на првата линија на фронтот и имаме искуство од прва рака во однос на влијанието на миграциите. Кризата со миграциите исто така не предупредува дека не може да работиме сами во изолација. Траењето на миграциската криза покажува дека не може да го стиснеме копчето за пауза. Во рамките на Обединетите нации и преку други регионални организации треба да ги здружиме нашите напори и со стратешка визија, механизми за соработка и инцијативи треба да ги решиме причинителите за миграциската кризата, да ги издвоиме позитивните аспекти од миграциските текови и кризата да ја претвориме во можност. Како и во изминатиот период, ние активно ќе соработуваме во овој процес. 

Господине Претседателе, 

Лажните информации и дезинформациите, заедно со целно-насочените кампањи и натаму се закана и го поткопуваат глобалното демократско владеење, истовремено ставајќи ја на испит отпорноста на демократските општества во целиот свет. Хибридните закани се опасност за иднината на нашите демократски општества. Треба да ги здружиме ресурсите, да ги усогласиме заедничките напори и да примениме приод кој ќе инволвира повеќе поврзани засегнати страни во борбата против овие предизвици. Исто така треба да ги надоградуваме неколкуте примери за справување со овие предизвици.

Унапредувањето и заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото остануваат темелни столбови на вредностите и дејствувањето на Обединетите нации. Без оглед на робусната архитектура на инструментите за човекови права, грубите повреди на човековите права низ целиот свет, широко распространетата неказнивост и отсуството на отчетност, нè потсетуваат дека сè уште има многу да се работи на ова поле и тоа на национално, регионално и глобално ниво. 

Господине Претседателе, 

Северна Македонија и натаму ќе ги поддржува сите дејствија насочени против пролиферација на оружје за масовно уништување и против нелегалната трговија со оружје, а ќе ги поддржува и сите напори за разоружување. Зајакнатото спроведување на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 1540, којашто претставува темелен инструмент на меѓународно-правната архитектура за непролиферација, како и универзалното почитување и спроведување на договорите за разоружување, контрола на оружјето и непролиферација и натаму се од клучно значење за да се сведат на минимум можните катастрофални последици за генерациите што доаѓаат.

Во овој контекст се приклучуваме на повикот Демократска Народна Република Кореа да го потпише и ратификува Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестирања и да преземе кредибилни активности во целите на целосна де-нуклеаризација.

Исто така, Ви посакувам голем успех, Господине Претседател, во поттикнувањето на позитивна енергија и дебати за многубројните прашања, исполнети со предизвици и прашања кои предизвикуваат поделби. Можете да сметате на целосната поддршка од Делегацијата на Северна Македонија за сите Ваши напори. 

Република Северна Македонија и натаму цврсто го поддржува мултилатерализмот. Ќе продолжиме да работиме со сите засегнати страни во денешниов фрагментиран свет. Ова е наш заеднички свет. Ги повикуваме членките на Обединетите нации да ги засилат своите напори за одржување на меѓународниот мир и безбедност. Заложбите кои ги преземаме на Генералното собрание на Обединетите нации се пренесуваат низ целиот свет. Сепак, нашето дејствување во сопствените земји е она што ја обезбедува заштитата на човековите права и добросостојбата на секој поединец. Со нашите дела да ги оправдаме нашите заложби за подобар свет за сите нас.

Ви благодарам.