Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 156-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 156-та седница, со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На оваа седница министрите во владата ќе ја разгледаат информацијата за склучување на Договор меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за реализација на Проектот за изградба на Интерконективен гасовод меѓу двете држави.

Агенцијата за млади и спорт на пред министрите ќе ги презентира измените на Програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2019 година, како и информациите за реконструкција на градските фудбалски стадиони во општина Велес и во општина Кавадарци.

Министерството за економија за оваа седница го предлага на усвојување Предлог - законот за енергетска ефикасност, а Министерството за правда Предлог - законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците.

На денешната, 156-та седница, Владата на РСМ ќе го разгледа предлогот за формирање на Национален совет за сајбер безбедност, на предлог на Министерство за информатичко општество и администрација.

Редовната 156 седница на Владата на Република Северна Македонија е предвидено да започне денеска во 16:00 часот.