Средба на министрите Спасовски и Димковски со раководството на Гранковиот независен синдикат на полицијата, на шумската, затворската и судската полиција: Поздравена е отвореноста на Владата отворените прашања да се решат низ дијалог и соработка

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски се сретнаа со претставници на Гранковиот независен синдикат на полицијата, на шумската, затворската и судската полиција, со претседателот Гоце Делчев Тодев, со генералниот секретар на овој синдикат и претседателите на синдикалните организации.

На средбата е разговарано за барањата на Гранковиот независен синдикат, при што е изразена определба од страна на Владата отворените прашања да се решат низ дијалог и соработка.

Гранковиот независен синдикат ја поздрави отвореноста на Владата за разговор.

На состанокот се разгледани барањата на Гранковиот независен синдикат на полицијата, на шумската, затворската и судската полиција околу разгледување на репрезентативноста на Независниот синдикат на полицијата, нивелирање на платите и овластувањата на сите полицајци во државава, за покачување на вредносниот бод за сите шумски полицајци и исплата на средствата за прекувремени работни часови, како и барањето за зголемување на платите во полицијата, шумската, затворската и судската полиција, при што е реафирмирана одлучноста на Владата за најавеното покачување на платите во јавниот сектор за 5 проценти оваа година и за постоечките заложби за натамошни покачувања согласно буџетските можности од наредната година.

Договорено е соработката да продолжи на министерско ниво и низ разговори и разбирање, согласно Законот за работни односи и согласно постоечкиот колективен договор да бидат изнајдени соодветни решенија за посочените теми.