Меѓународната конференција „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“, во организација на канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која денеска се одржа во Скопје, е организирана за да овозможи широка платформа за дискусија за Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, меѓу претставници на државните институции и меѓународните организации, академската заедница и граѓанското општество.
Концептот на стратегијата е поставен со целосно усогласување и почитување на меѓународните обврски и препораки на клучните меѓународни организации, како Европската Унија, Советот на Европа и неговите тела и на политичките определби на ОБСЕ и „Насоките од Љубљана за интеграција на разнолики општества“ на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ од 2012.
Во своето обраќање на конференцијата Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев истакна дека како земја, ги поставуваме темелите на интеркултурното разбирање и докажуваме дека можеме да бидеме модел за успешно и функционално општество еднакво за сите.
„Интеркултурализмот е тесно поврзан со вредности како владеењето на правото, човековите права, демократијата, културата на мир и дијалог, взаемното почитување, родовата еднаквост, како и европскиот идентитет. Различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност и ќе продолжиме позитивно да ги користиме, да ги учиме нашите поколенија дека солидарноста, толерантноста и недискриминацијата по сите основи, се придобивките кои можат само да нè поврзуваат, а не да нè делат“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, како домаќин на конференцијата потенцираше дека кога нема правда, кога владее корупција и кога економијата назадува сите се оштетени.
„Колку повеќе ќе се обединиме околу вредностите што ги унапредуваат еднаквоста и интеграцијата на општеството преку интеркултурна толеранција и дијалог - толку посилна ќе ни биде нацијата. Во изминатиот период покажавме дека имаме капацитет да споделуваме и да извезуваме стабилност и добри вести и во Регионот, но и вон Регионот преку силна политичка посветеност и лидерство за надминување на отворените прашања со соседите, но и за смело носење со домашната реформска агенда, а секако во насока на обезбедување на подобро утре на сите нашите граѓани“, истакна министерот Димитров.
Шефот на мисијата на ОБСЕ амбасадорот Клеменс Која во Скопје истакна дека ОБСЕ и помага на земјата да ги отповика трендовите на разделби и да ги зајакне своите капацитети за градење на едно општество за сите.
„Јас навистина ги потврдувам и поддржувам напорите на канцеларијата на премиерот да ја развие и имплементира оваа стратегија“, додаде амбасадорот Која.
Ламберто Заниер, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства во своето обраќање истакна дека му честита на премиерот Заев и на Владата за изработката на оваа стратегија, која, во свет во кој има толку многу поделби, врши промоција на политики кои имаат за цел спојување и кохезија и промовираат стабилност.
„И овој основен принцип е во суштината на мојот мандат.“ Интеграцијата е двонасочна улица и ги зголемува правата во општеството на етничките заедници. Спроведување на оваа стратегија и на Охридскиот рамковен договор ги елиминира сите разделни линии по етничка основа. Успехот на едно општество се гледа во успехот на интеграцијата. Северна Македонија не смее да има сегрегациски училишта и една од целите на мојата канцеларија е да се воведат и интеграција во образованието“, рече во своето обраќање високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства Ламберто Заниер.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија Самуел Жбогар, се осврна на смелоста на Владата за донесување на оваа стратегија во која не може да има едно општество доколку индивидуалните етнички и културни права не се почитуваат.
„Оваа стратегија е обид да се трансформира едно општество за да се обезбеди еднаквост, правда и можности за сите. Европската Унија дава екстензивна политичка и финансиска поддршка во имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Потребна е силна заложба од сите, визија и ангажман заедно со невладиниот сектор да се формираат политики кои ќе функционираат на терен. Природата на процесот е константна работа“, додаде Жбогар на Меѓународната конференција „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“, во организација на канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која денеска се одржа во Скопје.