Заврши посетата на државниот секретар на САД Мајкл Р. Помпео на Северна Македонија

Државниот врв на Република Северна Македонија, претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска остварија средби со државниот секретар на Соединетите Американски Држави Мајкл Р. Помпео, кој беше во официјална посета на нашата земја.

Премиерот Заев и државниот секретар Помпео имаа тат-а-тет состанок, а потоа се одржа и билатерална средба на која од страна на Владата на Република Северна Македонија присуствуваа претседателот на Владата Зоран Заев, заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

На средбата се разговараше за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ и НАТО, како и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот.

Во изјавите за медиумите премиерот Заев и државниот секретар Помпео се согласија дека Северна Македонија и САД делат заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет и имаат иста цел во борбата против тероризмот и  другите закани за мирот.

Во попладневните часови државниот секретар Мајкл Р. Помпео и неговата придружба ја посетија црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, која што беше реновирана и заштитена со средства обезбедени преку амбасадорскиот фонд и од програмите на УСАИД во нашата земја.

Државниот секретар Помпео беше испратен од заменикот претседател на Владата Бујар Османи и од министерот за надворешни работи Никола Димитров.