Средба на премиерот Заев со австрискиот сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи, Шаленберг: Јасен став од Австрија за позитивна одлука за отворање преговори со нашата држава на октомврискиот Совет на ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Александер Шаленберг, сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија.

На средбата е изразена јасна порака од Австрија со поддршка за проширувањето на ЕУ и за европските интеграции на нашата држава. Пренесено е дека има силен консензус во Република Австрија за позитивна одлука за Република Северна Македонија на октомврискиот Совет на ЕУ и дека таков јасен ќе биде и ставот на Австрија на Советот во октомври. На состанокот е констатирано дека позитивна одлука е единствената исправна одлука за нашата земја. Констатирано е дека Република Северна Македонија ги испорача потребните услови и дека сега е на ред Европа да испорача.
Премиерот Заев се заблагодари за големата принципиелна поддршка од Република Австрија во сите клучни процеси за демократскиот развој на нашата држава и посебно за напредокот во евроатлантските интеграции.

„Позитивната одлука од Европскиот совет за отворање преговори на ЕУ со Република Северна Македонија, за институциите и за граѓаните ќе значи продолжување на силната мотивација низ европските вредности да придонесуваме во развојот на нашата држава и регионот. Преспанскиот договор е редок пример на договор преку којшто низ искрен дијалог за чувствителни прашања дојдовме до решение на децениски отворено билатерално прашање, реформите ги правиме во консензус со опозицијата, цврсто сме определени за владеење на правото и борбата против корупцијата низ конкретни премиери дека законите важат еднакво за сите. Република Северна Македонија е добар пример како со посветеност на европските вредности на дело, се можни резултати“, рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека можноста што ја доби Република Северна Македонија, заедно со Република Бугарија да копретседава со Берлинскиот процес во следната година е силна порака за европската поддршка на нашата држава. Премиерот Заев соопшти дека позитивната одлука од октомврискиот Совет на ЕУ само ќе ја зацврсти довербата и на другите земји во регионот, кандидатки за членство во ЕУ, дека реформите и решенијата на билатералните прашања, на мирен начин низ дијалог, носат придобивки во европските аспирации.

На средбата е констатирано дека Република Австрија е еден од значајните инвеститори во нашата земја. Пренесено е дека Република Австрија има силна доверба во Република Северна Македонија и дека економската соработка ќе се развива во иднина.

На состанокот е разговарано и за добрата соработка во врска со решавањето на мигрантската криза, како и за унапредувањето на добрите билатерални односи меѓу двете држави.