Силна поддршка од премиерот Шарец и на заедничката прес-конференција со премиерот Заев: Верувам дека ЕУ ќе донесе одлука за почеток на преговори со Северна Македонија, очекувањата се заслужени, делуваме со полна пареа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше заедничка прес-конференција со претседателот на Владата на Република Словенија, Марјан Шарец, по билатералната средба на владините делегации на двете држави и тет а тет средбата на двајцата премиери.

Премиерот Шарец и пред медиумите изрази силна пријателска и партнерска поддршка од Република Словенија за евроатлантските интеграции на нашата држава и верба дека е достижно членството на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ.

„Верувам дека ќе надвладее мислата дека Северна Македонија е зрела за почеток на преговорите“, одговори премиерот Шарец на новинарското прашање да ги прецизира неговите очекувања за одлуката на европските лидери, што треба да биде донесена за неколку дена.

На прес конференцијата премиерот Шарец оцени дека нашата држава заслужува одлука за почеток на преговорите во октомври, при тоа посочувајки ги како важни постигнувања Договорот од Преспа, договорот со Бугарија, системските реформи направени во државава, што за словенечкиот премиер се одраз на желба, храброст , решеност за стабилност, безбедност, успех, демократска иднина.

„Се надеваме дека Македонија во октомври ќе почне со преговорите за влегувањето во Европската Унија. Тоа е нашиот заеднички проект, бидејќи Словенија многу и помогна на Северна Македонија на тој пат и се разбира ќе помогнеме пак, бидејќи сакаме Западниот Балкан да стане дел од ЕУ, и тоа е убедување кое што го споделивме и со премиерот Заев“.

За премиерот Шарец, ваквиот октомвриски исход ќе значи признание за Северна Македонија „за неоспорните резултати за реорганизацијата на законодавството“.

„Сакам да бидам јасен и да кажам дека очекувањата на Северна Македонија се големи и заслужени. Преговорите ќе бидат долги, но треба да започнеме“, рече премиерот  Шарец, цитирајќи дека „почетокот значи половина од завршен пат“.

„Треба да се почне и тој почеток го чекаме сите. И ние во Словенија ќе помогнеме, како што сме помагале досега. Делуваме со полна пареа на сите подрачја, клучот за решението е на страната на ЕУ, но ќе се залагаме. Тоа е мојата денешна порака, дека сме пријатели, дека сме партнери и дека нема во тие заложби да попуштаме, иако има пречки, тоа нема да го правиме затоа што е лесно, туку затоа што е тешко“, рече меѓу другото на прес-конференцијата, премиерот на Република Словенија, Шарец, кој изрази надеж за скорешно членство на нашата држава во НАТО, а го поздрави и моделот на заедништво во земјава, како пример во регионот.

Претседателот на Владата на Република Севрена Македонија, Заев се заблагодари за големата поддршка од Република Словенија за нашата земја.

„Словенија беше втората земја којашто веднаш после Грција го ратификуваше протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО и земја којашто, не само што нема никакви резерви за нашиот старт на преговорите со ЕУ, туку во континуитет и гласно `не поддржува за тоа.

За нас исклучително важно е Европската унија да ги препознае и да ги вреднува нашите напори и храбри политички чекори.

Нашата иднина е во ЕУ и на тој пат можеме многу да учиме од искуствата на Словенија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, оцени дека Словенија претставува и наш голем економски стратешки партнер.

„Минатиот пат се вративме од Љубљана со веста дека компанијата Таб-Мак во Пробиштип ги проширува капацитетите со нова инвестиција вредна 25 милиони евра и со нови 100 работни места за нашите граѓани.

Република Словенија е петти најголем инвеститор во нашата земја, со вкупен прилив од 375.9 милиони евра на странски директни инвестиции.

Бројките покажуваат добар тренд на интензивирање на нашата економска соработка, а јас сум силно уверен дека имаме капацитет уште посилно да соработуваме и да го зајакнуваме нашето економско и политичко партнерство, што ќе донесе придобивки за граѓаните и бизнисите од двете земји“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека пријателството со Словенија е докажано и во потешки времиња, како мигрантската криза во 2015 година, кога „нашите пријатели од Словенија, од Австрија и земјите од Вишеградската група, ни пружија драгоцена помош“.

Во одговорите на новинарските прашања, и премиерот Заев и словечкиот премиер Шарец оценија дека околу прашањето за мигрантската криза треба да се делува заеднички и низ дијалог и дека очекуваат на тој начин справување и со можните нови предизвици на овој план.

Премиерот Шарец, за пречките низ преговарачкиот процес рече дека ги имала и Словенија, но дека со многу напори, се решаваат. „Ако некој е способен да постигне договор, тоа е премиерот Заев“, оцени премиерот Шарец.

Премиерот Заев го повтори очекувањето дека Бугарија ќе биде меѓу најгласните поддржувачи за позитивна одлука и почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ, како и за решавање на постоечките предизвици, како и досега, низ дијалог и пријателство.

„Сакаме да ја добиеме шансата за следниот чекор, почеток на преговорите“, рече премиерот Заев додавајќи дека постои свесност дека нашата држава треба да сработи уште многу во преговарачкиот процес.

Претседателот на Владата, Заев, во одговорите на прашања од новинарите констатираше дека се докажува во земјава владеењето на правото и правосудството, како и дека верува во пресумцијата на невиност, загарантирана со Устав.