Отворање на конференција на почесни конзули на Република Северна Македонија акредитирани во странство, во организација на Министерството за надворешни работи

На 14.10.2019 (понеделник) со почеток во 9:00 часот во Амфитеатарот на Министерството за надворешни работи ќе се отвори дводневната конференција на почесни конзули на Република Северна Македонија акредитирани во странство.

На свеченото отворање на конференцијата, воведни излагања ќе имаат министерот за економија, Крешник Бектеши и заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.

Во текот на конференцијата, односно во 11:30 часот, обраќања до почесните конзули ќе имаат и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев како и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

По официјалниот дел на конференцијата, почесните конзули ќе имаат работна посета на Технолошката индустриска развојна зона (ТИРЗ) во Бунарџик, како и посета на градот Штип, Струмица и Кавадарци, со цел запознавање со проектите и капацитетите за инвестиции и соработка кои ги нудат овие градови.

Конференцијата со почесните конзули е во рамките на активностите за поефикасно реализирање на целите на економската дипломатија на Министерството за надворешни работи. Целта на Конференцијата е да се воспостави подобра комуникација и координација на Почесните конзули со институциите во Република Северна Македонија, како и да се запознаат со економските политики на земјата, особено во делот на зајакнување на економската и трговската соработка со странските држави. Исто така, почесните конзули ќе добијат значајни информации за политиките и поволностите кои ги нуди Владата на Република Северна Македонија за привлекување на инвестиции, развој на секторот на туризам, инфраструктурни проекти, најави за меѓународни тендери како и други активности со цел подобар развој на економијата и преставување на Република Северна Македонија во земјите од кои доаѓаат.

Календар Влада: 
Monday, October 14, 2019 - 09:00 to 12:30