Редовната 159-та седница на Владата на РСМ ќе се одржи утре во Битола

Владата на Република Северна Македонија својата редовна 159-та седница ќе ја одржи денеска, понеделник (14.10.2019) во Битола, во зградата на Општина Битола.

Оваа е прва регионална седница во низата, а во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата. Со седницата ќе претседава претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и на неа ќе присуствуваат сите министри во Владата, а како гости ќе учествуваат и градоначалниците од Пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.

На оваа седница приоритет ќе добијат информациите и одлуките за проекти од непосреден интерес на граѓаните на овие општини.

За таа цел, во текот на денот, на седницата ќе ѝ претходат повеќе теренски активности.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, заедно со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска ќе извршат увид во работите на рехабилитацијата на регионален пат Прилеп-Тополчани-Битола, по што ќе следуваат изјави за медиумите. Настанот е предвидено да се одржи во 11:00 часот на влезот во Битола (клучка кај Могила).

Во 12:00 часот увид во напредокот на изградба на пречистителна станица за отпадни води во подпелистерските села Трново и Магарево ќе извршат заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули придружуван од градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Министерот за здравство, Венко Филипче ќе го посети Здравствениот дом во Битола, каде што пред 1 месец се пушти во употреба реновираната Служба за итна медицинска помош. Во 13:15 часот, следат изјави за медиумите на министерот Венко Филипче и директорката на јавно-здравствената установа Весна Спирковска и градоначалничката Наташа Петровска за досега сработеното во овој здравствен дом.

Во рамките на агендата на министрите, по повод одржувањето на седницата на Владата на Северна Македонија во Битола, во посета на РЕК Битола, ќе биде заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, кои ќе ја промовираат и мерката за субенции за инвертер клими, во присуство градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, како општина опфатена во првата фаза со оваа мерка. Посетата во РЕК Битола и изјавите на владините претставници и градоначалничката е предвидено да се остварат во 15:00 часот.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска ќе посетат неколку мали групни домови во општината. Оваа обиколка на малите групни домови е предвидено да започне во 17:00 часот, вклучително со изјавите на медиумите.

Непосредно пред почетокот на 159-тата редовна седница на Владата на Република Северна Македонија која ќе се одржи во Битола, е предвидена и изјава на премиерот Зоран Заев, пред зградата на Општина Битола во 17:50 часот.

Оваа седница, како прва во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата, со учество на градоначалниците од Пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар, ќе започне во 18:00 часот, во салата за седници на Советот на Општина Битола. Отворениот дел на седницата ќе биде од 18:00 - 18:15 часот.

Календар Влада: 
Понеделник, Октомври 14, 2019 (Цел ден)