Министерот Филипче од Здравствен дом Битола: Реновирана Службата за итна медицинска помош, во завршна фаза е проектот за реконструкција на кровот, јакнат капацитетите со 44 вработувања

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска го посети Здравствениот дом во Битола, каде пред еден месец се пушти во употреба комплетно реновираната Служба за итна медицинска помош (ИМП).

Здравствениот дом во Битола е позитивен пример за успешно работење. Целосно е реновирана Службата за итна медицинска помош. Во завршна фаза е проектот за реконструкција на кровот и проектот за изградба на натстрешница за заштита на возилата на ИМП во зимски услови од снег, а во лето од сонце. Зајакнати се капацитетите и се реализирани 32 вработувања, а дополнително до крајот на годината за 12 ангажирани лица треба да се реализира постапка за транформација на нивниот работен однос.

Исто така, во Службата за итна медицинска помош е отворена амбуланта во рамки на дневната болница во која дежураат матични доктори. Набавена е нова медицинска опрема: четири апарати за ЕКГ, две столици за транспорт на пациенти по скали, три хематолошки столици за земање крв на пациенти за испитување во лабораториите, ново санитетско возило, стоматолошки стол и по еден спирометар, аудиометар и реакциометар.

Значително се подобрени здравствените услуги и услови на граѓаните од Битола во оваа јавнa здравствена установа и пристигнат е нов медицински мебел, кој ќе биде поставен во Службата на ИМП. Пациентите и здравствените работници се задоволни од континуираното унапредување на капацитетите во оваа установа.

Воедно, отворена е канцеларија за ромски медијатор со што е подобрен процентот на вакцинираност на деца кај ромската популација. Во Битола не е регистриран ниту еден случај на мали сипаници, а подготвени се и агрегати за одржување ладен ланец на вакцините. Во завршна фаза е и подготовката на тендерот за медицинска опрема.