Премиерот Заев на средбата со претседателот на Европскиот Парламент Сасоли: Секоја друга одлука освен преговори за Северна Македонија ќе биде поттик за регресивни процеси во земјата и регионот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вечерва се сретна со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Мариа Сасоли.

На средбата, на која присуствуваа и заменик на претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, премиерот Заев на претседателот на ЕП Сасоли му изрази благодарност за значајната поддршка на парламентот и на европратениците кои во огромно мнозинство ја прифатија препораката на Европската Комисија, Северна Македонија безусловно да ги започне преговорите за членство во ЕУ. 

Премиерот Заев нагласи дека сѐ уште е оптимист дека одлуката за старт на преговорите сепак ќе биде донесена на самитот на претседатели и шефови на влади на земјите членки на ЕУ во текот на утрешниот ден. 

Поинаков исход освен старт на преговори за Северна Македонија, како признание за остварените реформи и за сериозните политички одлуки на земјата како исполнување на препораките на ЕУ, ќе биде поттик за регресивните сили во земјата и обесхрабрувачки сигнал за другите земји во регионот во однос на нивните евроинтеграциски процеси, рече меѓу другото премиерот Заев на средбата со претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли.

На оваа средба, претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли го потврди речиси консензуалното одобрување на европратениците за преговори со Северна Македонија и потврди дека земјата е успешна приказна за Европската Унија, особено заради начинот на кој се решени прашањата со Грција и Бугарија. 

Претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли рече дека со овие пораки тој утре ќе се обрати и во Европскиот Совет и ќе побара да биде исполнето ветувањето за позитивна одлука за старт за преговори на Северна Македонија со Европската Унија.