Јавен оглас за именување неизвршен член на Советот на Народна банка

Институција која огласува: 
Влада на Република Северна Македонија
Рок на пријавување: 
06.11.2019

Врз основа на член 46 став 1 и став 2, член 49 став 4, член 50, член 50-а и член 55 од Законот зa Народната банка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018), Владата на Република Северна Македонија објавува

Ј  А  В  Е  Н    О  Г  Л  А  С
за именување 1 (еден) неизвршен член на Советот на Народната банка на Република Северна Македонија

 

На предлог на Владата на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија ќе именува 1 (еден) неизвршен член на Советот на Народната банка на Република Северна Македонија, со мандат од седум години со право на повторен избор.

Со Народната банка управува Советот на Народната банка кој се состои од девет члена од кои еден е гувернерот и три вицегувернери со статус на извршни членови и пет неизвршни членови.

За неизвршен член на Советот на Народната банка може да биде именувано лице, државјанин на Република Северна Македонија, кое има соодветна репутација, најмалку високо образование и соодветно професионално или академско искуство на полето на економијата, финансиите, банкарството или правото.

За неизвршен член на Советот на Народната банка не може да биде лице:

  • осудено за кривично дело со казна затвор или парична казна;
  • должник во стечајна или ликвидациона постапка;
  • на кое му е изречена прекршочна санкција, забрана за вршење професија, дејност или должност и
  • на кое му е изречена споредна казна забрана за добивање дозвола за основање и работа на банка или друга финансиска институција, одземање на дозвола за основање и работа на банка или друга финансиска институција, забрана за основање на нови правни лица и привремена или трајна забрана за вршење дејност од областа на финансиите и банкарството.

Неизвршен член на Советот на Народната банка не може да биде лице кое е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, член на Владата на Република Северна  Македонија, вработен во органи на државната или локалната власт, агенции, фондови, јавни претпријатија, јавни установи, трговски друштва основани од државата или во кои државата е доминантен сопственик, вработен во финансиска институција во Република Северна Македонија, сопственик на 5 повеќе проценти од капиталот во финансиска институција во Република Северна Македонија, член на управен или надзорен орган на банка, штедилница или друго трговско друштво кое може да има судир на интерес со Народната банка, како и член на органи на политичка партија и органи на синдикат.

По исклучок неизвршен член на Советот на Народната банка може да биде универзитетски професор или вработен во научно-истражувачка институција.

Неизвршниот член на Советот на Народната банка, освен критериумите од членот 50 од Законот за Народната банка, треба да ги исполнува и следниве услови: да поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години: - ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода, - ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода, - ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен, - БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или - АПТИС (АPTIS) - најмалку ниво Б2 (B2).

Со пријавата кандидатите задолжително треба да ја достават следната документација:

  • кратка биографија;
  • уверение за државјанство;
  • диплома за завршено високо образование;
  • доказ дека не е осуден за кривично дело со казна затвор или парична казна;
  • доказ дека не е должник во стечајна или ликвидациона постапка;
  • доказ дека не му е изречена прекршочна санкција, забрана за вршење професија, дејност или должност;
  • доказ дека не му е изречена споредна казна забрана за добивање дозвола за основање и работа на банка или друга финансиска институција, одземање на дозвола за основање и работа на банка или друга финансиска институција, забрана за основање на нови правни лица и привремена или трајна забрана за вршење дејност од областа на финансиите и банкарството;
  • доказ дека не е лице кое е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, член на Владата на Република Северна  Македонија, вработен во органи на државната или локалната власт, агенции, фондови, јавни претпријатија, јавни установи, трговски друштва основани од државата или во кои државата е доминантен сопственик, вработен во финансиска институција во Република Северна Македонија, сопственик на 5 повеќе проценти од капиталот во финансиска институција во Република Северна Македонија, член на управен или надзорен орган на банка, штедилница или друго трговско друштво кое може да има судир на интерес со Народната банка, како и член на органи на политичка партија и органи на синдикат и
  • меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години: - ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода, - ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода, - ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво, - ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен, - БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или - АПТИС (АPTIS) - најмалку ниво Б2 (B2).

Документите од точка 8 треба да бидат поднесени во оригинал или копија заверена на нотар и истите се доставуваат до архивата на Владата на Република Северна Македонија или по пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје со назнака: „За јавен оглас за именување неизвршен член на Советот на Народната банка на Република Северна Македонија“.

Рокот за пријавување на заинтересираните кандидати е (15) петнаесет дена сметано од денот на објавувањето на огласот во дневните весници или заклучно со 6 ноември 2019 година.

Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање нема да биде разгледувана.