Министерката за одбрана, Шекеринска: Одлична вест за Армијата – И воениот и цивилниот персонал ќе добиваат по 7 илјади денари за закупнина за живеење

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска даде изјава за медиумите каде ја најави новата придобивка со која ќе се стекнат припадниците на Армијата, униформираните и цивилни лица. Таа истакна дека Владата донела одлука за измени на Законот за служба во Армијата со која околу 6.000 припадници на Армијата ќе добиваат месечен надоместок од околу 7000 денари за т.н закупнина со која ќе се помага нивното станбено прашање.

„Новото решение предвидува апсолутно користење на право на закупнина без оглед дали корисникот користи организиран превоз или не, без разлика на тоа каде работи и каде живее. Досега оваа закупнина или станарина ја добиваа околу 1.200 припадници на Армијата. Со новото законско решение сите припадници на Армијата, воен и цивилен персонал, освен оние кои добиле станови од поранешната ЈНА, кои можат после да ги откупат, ќе ја добие шансата да користи средства за закупнина и тој надомест ќе изнесува некаде околу 7000 денари на месечно ниво” истакна Шекеринска.

Министерката додаде дека оваа сума ќе ги поддржи семејните буџети на над 6000 семејства во нашата земја.

„Шест илјади семејства ќе го чувствуваат бенефитот на оваа владина мерка, но во исто време сите припадници на Армијата ќе можат да го користат многу лесно ова право и сите ќе имаат подобри услови за живот и за работа. Мерката која што денеска ја промовираме и мерката за која што веќе неколку месеци дискутираме со припадниците од Армијата е едноставна, реална, остварлива и трајна и многу директно со конкретна бројка, со конкретна сума придонесува кон подобри услови за работа и повисок стандард на живеење на сите припадници на Армијата.“ рече министерката Шекеринска.