Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во нашата земја, Музафер Бајрам денеска се обратија на промоција на „Граматика на современиот ромски јазик“ од авторите Љатиф Демир, Фатиме Демир и Невсија Дурмиш, по повод Светскиот ден на ромскиот јазик – 5 ноември.
Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека една од суштинските димензии на инклузивните општества е толеранцијата, почитувањето и поттикнувањето на културната разноличност.
„Како општество еднакво за сите, се препознаваат, почитуваат и слават повеќекратни и разновидни идентитети. Кога ја славиме различноста и афирмацијата на разликите, создаваме општество на кое му се туѓи дискриминацијата и предрасудите“, рече премиерот Заев и додаде дека „Граматиката на современиот ромски јазик“ е капитално дело што може да послужи како основа во создавањето материјали наменети за училишната практика во образовниот процес.
„Конечно, постои потреба и да се креираат позитивни приказни за едно инклузивно општество еднакво за сите и за иднината.
Една таква успешна приказна е „Граматиката на современиот ромски јазик“. Заедно со Речникот на ромски јазик кој е во подготовка, станува збор за публицистички дела кои се темелници на јазичната култура и наука на секоја заедница“, рече премиерот Заев оддавајќи им почит и признание на авторите.
Министерот за задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во нашата земја, Музафер Бајрам истакна дека основните особености на еден народ секогаш биле неговото културно наследство, неговото писмо, и пред сé и над сé јазикот како основно средство за меѓусебна комуникација.
„Можам слободно да заклучам дека успеавме, граѓаните успеа, Владата на Република Северна Македонија успеа во обидот да изгради инклузивно општество за сите, општество каде повеќе ќе нема поделби врз основа на нација, вера, раса, пол, општество каде секој граѓанин ќе се чувствува еднаков и рамноправен, успеавме да ги затвориме портите на национализмот, алатка која мошне вешто и итро ја употребуваше претходната владејачка гарнитура“, рече министерот Бајрам.
За потребата од „Граматиката на современиот ромски јазик“ говореше и авторот Љатиф Демир, кој подвлече дека создавањето на вакви дела не значи само големи напори и вложен труд во нив, туку претставува и огромна одговорност кон она што значи идентитет на еден народ, а тоа е јазикот.
„Свесни за големата одговорност што ја обележува оваа дејност го цениме трудот на сите автори на досегашните дела кои го третираат ромскиот јазик. Нивното издавање се стреми кон постигнување изедначеност на ромскиот јазик, односно да се придонесе кон унификација на стандардниот ромски јазик. Тука би сакал да го споменам нашиот вечен професор Шаип Јусуф, кој прв го трасираше патот на современиот ромски јазик во нашата земја“, рече авторот Љатиф Демир.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев.
„Навистина е убаво чувството кога сме собрани од сите етнички заедници денеска овде да прославиме еден успех на ромската заедница како составен дел од нашата Република Северна Македонија.
Кога, како еден од основните принципи на програмата на владината коалиција што ја предводам, одлучивме дека ќе се залагаме за концептот „Едно општество за сите“, таа одлука не ја донесовме заради тоа што добро звучи политички, заради тоа што го привлекува вниманието на гласачите, или заради тоа што некој тоа ни го наметна.
Апсолутно - Не!
Го прифативме овој принцип зашто силно веруваме во него и затоа што сме подготвени да ги реализираме сите неопходни предуслови нашата земја, навистина да се препознава како општество еднакво за сите. Суштински, а не само како политичка определба.
Една од суштинските димензии на инклузивните општества е толеранција и почитување и поттикнување на културната разноличност. Како општество еднакво за сите, се препознаваат, почитуваат и слават повеќекратни и разновидни идентитети. Кога ја славиме различноста и афирмацијата на разликите, создаваме општество на кое му се туѓи дискриминацијата и предрасудите.
Посебна улога во овие процеси има образованието за да обезбеди можности за учење на историјата и културата на сите заедници, и кое ќе го негува разбирањето и почитувањето кон другиот, во општеството еднакво за сите.
Конечно, постои потреба и да се креираат позитивни приказни за едно инклузивно општество еднакво за сите и за иднината.
Една таква успешна приказна е Граматиката на ромски јазик. Заедно со Речникот на ромски јазик кој е во подготовка, станува за публицистички дела кои се темелници на јазичната култура и наука на секоја заедница.
Ова е убава прилика да им оддадеме признание и почит на авторите на Граматиката на ромскиот јазик Љатиф Демир, Фатиме Демир и Невсија Дурмиш, и да им посакаме уште многу вакви успешни проекти.
Се работи навистина за капитално дело кое со опфатот на сите битни граматички прашања на ромскиот јазик може да послужи како основа во создавањето материјали наменети за училишната практика во образовниот процес.
Секако Граматиката дава можност на секој поединец, секој што самостојно го учи ромскиот јазик, или сака да го усоврши, да се запознае со неговите основни граматички особини.
Публикувањето на оваа граматика се има за цел да придонесе и во стандардизацијата на литературниот ромски јазик,како што рече г-дин Демир, како и да укажува на особеностите на дијалектниот изговор како посебно богатство на ромскиот јазик.
Истовремено, оваа граматика ќе послужи како солидна основа за натамошна научна работа, анализи и истражувања и за создавање нови дела што ќе го трасираат ромскиот јазик.
Почитувани,
Втората приказна што не собра денеска е и одбележувањето на 5 ноември - Светскиот ден на ромскиот јазик. Уште една приказна за богатствата на концептот едно општество еднакво за сите.
Кога УНЕСКО го прогласи 5 ноември како Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година ни даде причина да го славиме, да ги чуваме ромскиот јазик и култура, за да ја препознаеме важноста и еднаквоста на сите јазици.
Ромскиот јазик е официјален јазик на сите Роми во светот, збогатен со историски процеси на миграции и широк спектар на влијанија.
Ова е една од причините зошто УНЕСКО повикува на поголема поддршка на ромскиот јазик, вклучувајќи и образование во овој јазик за ромските деца, за кои тој е нивниот мајчин јазик, без разлика во која средина и каде во светот живеат.
Кога го одбележуваме Светскиот ден на ромскиот јазик, сите ние застануваме со ромскиот народ и ја славиме културата на Ромите како дел од нашето, македонско културно богатството, и богатство на целото човештво.
Да не заборавиме: Припадниците на ромската заедница од Република Северна Македонија, имаа пресудна и одлучувачка улога во официјализирањето на ромскиот јазик во мапата на јазиците на народите на светот со иницијативата на професорот Јусуф Шаип. Тој го посвети целиот свој живот на стандардизацијата на оригиналниот ромски јазик, и за негово вклучување во образованието.
Денес неговите следбеници го продолжуваат неговото дело во интерес на вредностите на ромската заедница.
Република Северна Македонија беше лидер на овие иницијативи кои потоа инспирираа и други држави да поддржат активности за афирмација на ромскиот јазик на институционално рамниште.
Тие иницијативи, тоа наследство, делата како што е и новото издание на Граматиката на ромски јазик, како за авторите, така и за нашата земја остануваат мотивација и обврска и понатаму да ги унапредуваме овие придобивки.
Уште еднаш честитки за ова издаваштво и секако нека е среќен Светскиот ден на ромскиот јазик.
Благодарам.