Од 164-тата седница на Владата: Утврден Буџетот 2020; 3000 денари месечен Младински додаток за младите во производна дејност; Ќе се воспостават регионални центри за стручно образование; Донесена Програмата за поддршка на печатените медиуми за 2019

На редовната 164. седница на Владата на Република Северна Македонија е утврден Буџетот за 2020 година во согласност со стратешките приоритети на Владата за наредната година како што се, меѓу другото, обезбедување на социјална сигурност и заштита за граѓаните, создавање на поволна деловна клима со политики на соработка со бизнис-секторот, социјалните партнери, заштита на работничките права, недискриминација, зголемена ефикасност, како и поддршка и развој на малите и средни претпријатија, отворање на нови работни места со активни мерки за вработување и зголемување на нивото на платите во економијата, како и интеграцијата во НАТО и започнување и успешно водење на процесот на преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планираат на ниво од 222,3 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 239,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3% од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ. Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Северна Македонија 2020-2022 и ја потврдува силната определба за фискална консолидација, проследена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и инфраструктурни проекти.

На оваа седница Владата го утврди Предлог-законот за младински додаток, и ќе го достави на усвојување до Собранието на Република Северна Македонија.

Младинскиот додаток, во висина од 3000 денари месечно, ќе им се исплаќа на млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование и кои се во работен однос со задолжително социјално осигурување во производствена дејност, потоа на младите лица кои се отстапени кај работодавач-корисник од производствена дејност од страна на приватна агенција за вработување, како и на млади индивидуални земјоделци со задолжително социјално осигурување.

Целта на законот за младински додаток е поттикнување на вработување на младите лица во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што ќе се допринесе до подобрување на нивниот животен стандард и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила.  Законот ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, ќе го поттикне економскиот раст на економијата, а со тоа ќе се придонесе за зголемен вкупен економски раст и развој во Република Северна Македонија.

Министерство за труд и социјална политика го предложи, а Владата го утврди Предлог-законот за неевидентирани лица во матична книга на родени и ќе го предложи на усвојување во Собранието на Северна Македонија.

Цел на овој закон е неевидентираните лица во матичните книги на родените да се стекнат со својство на лице со посебен граѓански статус, заради остварување право за образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно закон.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои информација со предлог за воспоставување на регионални центри за стручно образование и обука и донесе заклучок да го задолжи Министерството за образование и наука да изготви Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за средно стручно образование и во рок од пет дена да го достави до Владата на Република Северна Македонија со утврдени градови и училишта кои ќе се трансформираат во регионални центри за стручно образование и обука.

На предлог на Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, на оваа своја седница Владата го донесе новиот текст на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2019 година. 

Средствата за реализација на оваа програма, утврдени со Буџетот за 2019 година се во износ од 50.000.000 денари, а Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе објави Јавен повик за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за пријавување на интерес за средствата од оваа програма во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа програма.