Над 18.700 пензионери аплицирале за бањско-климатска рекреација, 10.000 ќе можат да го искористат правото

За еден месец 18.717 пензионери аплицирале за проектот за Бањско-климатска рекреација. Десет илјади од нив ќе имаат можност да го користат ова право, а приоритет ќе имаат пензионерите со пониски примања.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски најави оти конечната листа на пензионери кои ќе можат бесплатно да одат на бањско климатска рекреација и со податоци во кој период и во која бања ќе можат да одат ќе биде објавен по две недели.

За остварување на ова право на пензионерите, министерот Ристовски денеска потпиша договор со директорите на Негорски бањи, Дебарски бањи, Катлановска бања и АД Цар Самоил. Со него се регулираат правата и обврските на двете страни за користење на оваа услуга за 2012 година.

- Услугата опфаќа шест полни пансиони, бањска терапија, еден здравствен преглед, трошоци за превоз од местото на живеење до установата, а пензионерите кои користат надоместок за помош и нега од друго лице имаат и право на придружник за време на бањско климатска рекреација, рече министерот Ристовски по потпишувањето на договорите.

Министерот Ристовски потенцира дека селекцијата ќе биде како и минатите години- транспарентна и коректна. Лицата со пониска пензија имаат предност. Апликантите кои веќе ја искористиле оваа можност минатите години, нема да можат и годинава да отидат на бања, додека не помине редот на пензионерите кои аплицираат првпат.

Продолжувањето на проектот, рече министерот за труд и социјална политика, е резултат на големиот интерес кај пензионерите. Средствата за оваа намена се обезбедени со Буџетот за 2012 година.