Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 166-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 166-та седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес за граѓаните.

На оваа седница Владата ќе ја разгледа информацијата во врска со барањето за согласност на ТАВ Македонија за зголемување на капацитетот на аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Владата на Северна Македонија за оваа седница на дневен ред ја има точката Информација со текст на Предлог-закон за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија, како и Предлог-стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија за што владата треба да донесе мислење.

На предлог на Министерство за труд и социјална политика на оваа седница ќе биде разгледана Предлог-уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за јавните установи за деца-детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки по општини за 2020 година, а Министерството за здравство ќе ја презентира информацијата со барање за отпочнување постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка и акционен план за Реализација на проект за изградба на два нови болнички објекта за потребите на ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар.

На агендата за оваа 166-та седница е и информацијата за добивање на одобрение за отпочнување на постапка за јавна набавка за склучување на повеќегодишен договор за продолжување со изградба на ООУ „Димитар Македонски“, Општина Аеродром, Скопје, на Министерството за образование и наука.

Министерството за надворешни работи за оваа седница ги става точките Предлог-одлука за давање согласност за отворање Генерален конзулат на Република Албанија во Република Северна Македонија, со седиште во Струга, и Предлог-одлука за отворање Генерален конзулат на Република Косово во Република Северна Македонија, исто така во Струга.

На денешната седница, која е предвидено да започне со работа во 12:00 часот, ќе се најдат и повеќе други точки од програмата за работа на владата и од интерес на граѓаните.
 

Календар Влада: 
Вторник, Ноември 19, 2019 - 12:00 to Среда, Ноември 20, 2019 - 12:45