Премиерот Заев и министерот Филипче учествуваа на трибината „Влогот во човечкиот капитал во здравството е влог во здравјето на граѓаните“

Кога го промовиравме Буџетот за 2020 година, рековме дека тој е посветен на инвестициите во човечкиот капитал и затоа во Буџетот за 2020, во здравство, образование и социјална заштита Владата на Република Северна Македонија инвестира вкупно 154 милијарди денари, истакна премиерот Заев во неговото обраќање на трибината „Влогот во човечкиот капитал во здравството е влог во здравјето на граѓаните“ на која учествуваше денеска, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче.

„Тоа е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со ребалансот од 2019 година, односно последниот Буџет. Зајакнувањето на човечкиот капитал во здравството значи и подобро јавно здравство а тоа е нешто што го засега секој од нас во сите фази од животот и затоа само во здравството го зголемуваме буџетот за 9%, и годинава тој ќе изнесува 33,7 милијарди денари“, истакна премиерот Заев на трибината.

Тој додаде дека процесот на зголемување на платите, минатата година го вклучи и надоместокот за дежурства кој се триплираше до највисоките 7.200 денари, а во месец септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата за плата за 5%. Само четири месеци подоцна, во јануари 2019 година, следеше дополнително зголемување на платите на здравствените работници, докторите, медицинските сестри, болничарите и за техничарите, а во септември 2019 година, за 5% пораснаа платите на администрацијата во здравството.

„Не запревме тука, oд февруари 2020 година, платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25%, додека пак на медицинските сестри за 10%. Кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист ја зголемивме за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23% на медицинските сестри на клиниките. На општите лекари за 25%, а на здравствени соработници за 15%“, нагласи премиерот Заев.
На премиерот Заев се надоврза министерот за здравство, Венко Филипче кој кажа дека голем дел од зголемувањето на буџетот ќе оди на здравството.

„Близу две милијарда денари се посветени на преземените обврски на зголемените плати. Во изминатиов период дадовме повеќе од 5000 согласности за вработување. Во 2018 година започнавме со плаќања на трудот на приватните специјализанти. Се зголемија дежурствата. За првпат приватните специјализанти се платени за својот труд. Веруваме дека само задоволни здравствени работници може да дадат вистинска здравствена услуга на пациентите, но и вистински со желба да ги едуцираат помладите колеги“, рече министерот за здравство Филипче.

На трибината „Влогот во човечкиот капитал во здравството е влог во здравјето на граѓаните“ беа присутни и голем број на здравствени работници, меѓу кои, доктори специјалисти, медицински сестри, општи лекари, болничари, техничари, приватни специјализанти, медицински лаборанти, претставници на здруженија и директори на јавно-здравствени организации кои исто така ги дадоа своите коментари, забелешки, прашања и насоки за подобрувања на целокупниот здравствен систем.