Одржана јавна расправа за Стратегијата за енергетика на Република Северна Македонија 2020-2040 – Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши: Со стратегијата се предвидени инвестиции во вредност од 17 милијарди евра за проекти за енергетска транзиција

Предлог Стратегијата за енергетика за периодот од 2020-2040 година, изработена од страна на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој во МАНУ, денес беше презентирана пред сите релевантни чинители во енергетското живеење во земјата. Предлог стратегијата е изработена во соработка со консултантската куќа Прајсватерхаус Куперс (PwC), а во креирањето се консултирани сите релевантни државни институции, бизнис заедницата, невладини организации и други чинители, додека финансиски е поддржана со грант од Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

За време на јавната расправа Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека Стратегијата за енергетика е особено важен стратешки документ со кој се предвидува како ќе се одвива енергетскиот живот во Северна Македонија во наредните 20 години. Тој потсети дека ваква стратегија требаше да биде донесена уште во 2015 година, од претходната Влада, што за жал не се случи, а актуелната Влада, веднаш по усвојување на Законот за енергетика во мај 2018 година, пристапи кон подготовката на новата Стратегија.

 

 

„Во Стратегијата се вклучени сите светски трендови, но прилагодени на актуелната ситуација во државата. Прилагодени на енергетските ресурсите што ги имаме, кои не се многу богати, но прилагодени на нашите можности за развој на енергетиката, со една и основна цел – да се задоволи потребата од енергенси на граѓаните на нашата држава, а цената да не биде значително покачена и да се има предвид и ценовната политика на енергенсите што е многу важно, зашто таа учествува како трошок во секое домаќинство, но и во креирањето на кој било производ во индустријата, како еден од суштинските трошоци на производство“, подвлече Анѓушев.

Вицепремиерот додаде дека Стратегијата ја третира проблематиката на енергетската транзиција што е нов современ израз и значи транзиција од извори за производство на електрична енергија од загадувачка технологија, од јаглен и сите останати ресурси, полека да се премине кон обновливи извори на електрична енергија. Со новата стратегија се предвидуваат инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 17 милијарди евра.

„Тоа не е возможно да се реализира преку ноќ, особено не за базната енергија во делот на електро-производството, но треба да се стремиме кон тоа. Сите оние скептици коишто тврдеа дека тоа не може да се направи на пазарна основа, со проектот што го направивме заеднички, мојот кабинет и министерството за економија, мислам дека ги демантиравме. Тоа е проектот за изградба на фотоволтаици на државно и приватно земјиште по принцип на Премиум тарифи, првите 35 мегавати инсталирана моќност во фотонапонски електрани на државно земјиште, во Свети Николе и во Македонски Брод, се двојно повеќе од се што е досега направено во нашата држава во изминативе 20 години од фотоволтаици, а за што државата трошеше сериозни средства, над 5 милиони евра годишно во субвенции. Сега, со новиот пристап обезбедени се административни подлоги од страна на државата, што всушност е и работа на државата, да обезбеди извесност за инвеститорите. Доделивме земјиште што беше неупотребливо за ништо, над 5-та и 6-та категорија, неземјоделско земјиште, да се искористи за фотоволтаици. Како држава одвоивме мали средства за тоа да се урбанизира преку Агенција за планирање на просторот и преку Агенцијата за катастар на недвижности, преговаравме и со ЕВН за приклучок на мрежа, за да им обезбедиме на сите инвеститори извесни и предвидливи трошоци за приклучок на мрежа. Тие ќе го платат трошокот за приклучок, но по одредени цени и тендерската постапка покажа дека не само што компаниите не бараат Премиум, туку и се натпреваруваа да дадат повеќе пари, се премина во позитивна аукција со што во државата ќе се наполни буџетот, за да може во иднина да се инвестира во други обновливи извори и слични проекти. На сосема комерцијална база, без никаков трошок и товар врз цената на електричната енергија, ќе се изградат нови фотоволтаични електрани со вкупна моќност од 35 МВ. Особено задоволство ми е што можам да Ви кажам дека електронската аукција е завршена за 19 мегавати од вкупните 35 мегавати и веќе во буџетот се очекува да се исплатат над 2,5 милиони евра само од досегашните аукции, а денеска во тек ќе бидат електронските аукции за останатите парцели, една од 10 МВ и три по 1 МВ за кои очекувам да додадат нови средства на овие 2,5 милиони евра“, посочи Анѓушев.

 

Министерот за економија, Крешник Бектеши потенцираше дека е многу е важно пред да биде презентирана Стратегијата за развој на енергетиката за наредните 20 години, да се навратиме каде бевме во спроведувањето на реформите во овој сектор пред две и пол години. Министерот потсети дека против Северна Македонија беа отворени спорови од Енергетската заедница бидејќи не беше донесен ниту Законот за енергетика, ниту Законот за енергетска ефикасност и нотираше дека оваа Стратегија која што денеска се презентираа требаше да биде донесена уште во 2015 година. 

 

 

„Кога беше формирана новата Влада веднаш почнавме да работиме на препораките од Енергетската заедница и почнавме со брзо спроведување на реформите. Денеска после две и пол години од истата Енергетска заедница имаме признание дека Северна Македонија е шампион во спроведување на реформите во делот на енергетиката“ потенцираше министерот.

Тој додаде дека секторот енергетика во една држава е важен бидејќи енергетиката се поврзува речиси со сите други индустрии во нашата државата. 

„Сите современи држави кои сакааат да имаат економски раст без да инвестираат одржливо во секторот енергетика, тоа не би можеле да го постигнат. Не би имале ниту мултипликативен ефект во другите индустрии. Ние како Министерство за економија ќе продолжиме да работиме како и досега. Не само да усвојуваме документи, не само да носиме Закони, не само да имаме стратегии на хартија да ги презентираме на Енергетската заедница, туку ќе ги земеме во предвид сите сугестии кои што произлегуваат од ваквите Стратегии и потоа да ги имплементираме. Нашата цел е да продолжиме да создаваме енергетски сектор кој ќе придонесе за целокупен развој на економијата“, кажа Бектеши.

 

Претседателот на МАНУ, академик д-р Таки Фити нагласи дека енергетиката е крвоток на економијата и е многу значајна за одржливост на економскиот раст на државата.

 

 

„Науката треба да обезбеди поголемо искористување на обновливите извори на енергија, второ да ја зголеми енергетската ефикасност и трето, да обезбеди заштита на животната средина, екологијата е особено значајна компонента. Овие три принципи се особено афирмирани во сите документи што ги носи Европската Унија, а се посветени на оваа проблематика. Стратегијата ги следи петте клучни енергетски столбови што ги промовира ЕУ. Првиот столб – енергетска ефикасност, вториот – интегрирање и безбедност на енергетскиот систем, третата – декарбонизација, четвртата – истражување, иновации и конкуренција, што е мошне значајно, а последната е правната регулатива што ги вклучува европските стандарди и директиви врзани со европското законодавство во енергетскиот сектор. Мислам дека документот е извонредно квалитетен, но сепак треба подобро да се анализира, предвидува три сценарија: референтно, умерено, зелено и резултатите, степенот и квалитетот на реализација на обврските од Стратегијата нудат мошне внимателно избрани индикатори, вкупно шест на број“, рече претседателот на МАНУ Фити.

Свое видео обраќање имаше и г. Јанез Копач, кој ги пренесе видувањата на Енергетската заедница за Стратегијата за енергетика.

„Ви честитам на изработката на првата стратегија за развој на енергетиката во регионот која ги зема во предвид најновите енергетски политики на Европската Унија за енергија и клима. Се радувам и што зеленото сценарио предвидено во Стратегијата е и најевтиното“, потенцираше Копач во обраќањето.

Содржината на Стратегијата за енергетика на Република Северна Македонија пред присутните ја презентираа раководителот на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој, академик д-р Глигор Каневче и доц. д-р Александар Дединец.