Од 170-тата седница на владата: Утврден текстот на дополнетиот Предлог Буџет 2020 година; Усвоени предлог имињата за амбасадори на 19 дестинации

 На денешната редовна 170-та седница, Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на дополнетиот Предлог-Буџет 2020 година.

Владата прифати 12 амандмани за измени и дополнувања на Предлог Буџетот 2020, што произлегоа од расправата за буџетот во собраниските комисии, и донесе одлука текстот на дополнетиот Предлог-Буџет за 2020 година да биде пуштен во Собранието на Северна Македонија на усвојување.

На оваа седница на предлог на Министерството за финансии, Владата ја усвои ревидираната Фискална стратегија на Република Северна Македонија 2020-2022 година.

Ревидираната Фискалната стратегија е во согласност со Законот, се усвојува за период од три години и со неа се предлагаат насоките и целите на фискалната политика, основните макроекономски проекции и показатели, се утврдуваат износите за главните категории проценети приходи и одобрени средства за тој период, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

Ревидирањето на Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2020-2022 година е во согласност со праксата на развиените земји и е неопходнo заради промените настанати во текот на 2019 година во однос на макроекономските и фискалните параметри.

На денешната затворена седница, Владата ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори на нашата земја на следните дестинации: Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.

Листата ќе биде доставена до Претседателот на државата Стево Пендаровски.

На денешната седница е усвоен и заклучок за времето за почеток на акцијата Администрацијата чисти со „Не биди ѓубре“, согласно кој акцијата ќе започне во 12 часот согласно временските прилики кои се најавени за 14 декември, сабота, кога ќе се спроведе оваа акција.