Министерството за животна средина и просторно планирање со апел до јавноста

Министерството за животна средина и просторно планирање внимателно и континуирано го следи квалитетот на воздухот преку државната мрежа на мерни станици.

Во текот на изминатата седмица забележани се појави на надминување на среднодневната гранична вредност за РМ10 (50 µg/m3) во Центар, Гази Баба, Карпош, Ректорат, Ѓорче Петров, Миладиновци, Битола 2, Кочани, Куманово, Струмица и Тетово, со понатамошен тренд на зголемување.

Со оглед на фактот дека се соочуваме со зголемени концентрации на загадување во воздухот, а со цел ублажување на оваа состојба, апелираме до граѓаните, во рамките на своите можности, да ги применуваат следните препораки:

  • Тешките товарни возила да избегнуваат движење во централното градско подрачје,
  • Да се користи јавниот превоз на релациите за кои е обезбедена автобуска линија,
  • Да се избегнува користење на возила без поголема потреба, а особено тие со пониски ЕУРО стандарди,
  • Кога сепак постои потреба, да се вложат напори повеќе лица да се возат со едно возило,
  • Индивидуалните домаќинства да користат чисто гориво за затоплување, односно да не се користи прегорено отпадно масло (моторно, хидраулично и масло од домаќинствата), лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал,
  • Правилно да се користи огревното дрво за затоплување,
  • Да пријавуваат во надлежните инспекторати и полициските служби сомнежи за која било нелегална активност што придонесува во нарушувањето на квалитетот на воздухот.

Воедно укажуваме на обврската сите А и Б индустриски капацитети да се придржуваат кон условите препишани во интегрираните еколошки дозволи и апелираме сите надлежни државни и локални инспекторати да ги интензивираат вонредните контроли за проверки на исправноста и функционирањето на филтрите во индустриските капацитети, а градежните инспектори да вршат инспектирање на примената на протоколот за контрола на градежната прашина, особено на патиштата и при други поголеми инфраструктурни интервенции.

Министерството и натаму ќе се залага за спроведување на дополнителни мерки кои ќе се справуваат со изворите на загадувањето, но ве повикуваме сите заедно да придонесеме во рамките на своите можности за побрзо надминување на состојбата.