ПВРСМ Зоран Заев на отпочнување на санацијата на колекторскиот систем во Охрид: Обезбедивме средства и начин за нашето убаво Охридско езеро и понатаму да остане ремек дело на човековиот дух

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска заедно со министерот без ресор, задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми извршија обиколка и увид на отпочнувањето на санацијата на колекторскиот систем за Охридско Езеро.

На настанот беа присутни и директори на јавни претпријатија, директорот на ЈП Колекторски систем Владимир Алексијоски и претставници на компаниите „Инд Еко“ и „Еко Тим“.

„Денеска, после неполна година подготовки и барање најдобри решенија и финансиски средства за реализација, започнуваат работите на чистење и реконструкција на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион од наслагите и корењата од дрвјата и санација на цевководот на колекторот. Дополнително ќе се поправат или ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга“, рече премиерот Заев во врска со санацијата на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион, за кој се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот.

 

 

Премиерот Заев истакна дека овој значаен и сериозен зафат се презема поради несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на системот за прочистување на отпадните води создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување, иако како што подвлече сознанијата за последиците биле познати изминатите години.

„Во наредните 5 месеци, ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. Охридското езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености, и тоа оваа Влада ќе го докаже“, подвлече претседателот на Владата.

„Во моментов имам две сосема спротивни чувства. Од една страна чувствувам огромна гордост што Владата чиј дел сум и јас одвои средства за целосна санација на колекторскиот систем, средства кои ќе ја вратат бистрината на ова прекрасно езеро и ќе го заштитат од понатамошно загадување, ќе овозможат многу подобро зачувување на живиот свет во езерото. Нашата земја има ограничени ресурси, но секогаш мора да има доволно за заштита на нашите национални богатства, било да се природни или културни богатства“, истакна министерот Адеми.

 

 

Директорот на ЈП „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски во своето обраќање изрази јавна благодарност и почит на покојниот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски заради, како што нагласи неговите заложби, замисла, желба и посветеност за остварувањето заедничката цел, грижата за Охридското Езеро да биде во сигурните раце на државата. Тој на денешниот настан изрази и благодарност до Владата за покажувањето разбирање и интерес за решавањето на проблемот со Колекторскиот систем сместувајќи го во најважните приоритети, и им додели благодарници на премиерот Заев, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, советникот на премиерот, Дејан Николоски и адвокатот Христина Стојановиќ.

Претставниците на компанијата „Еко Тим“ ДОО Скопје ги образложија техничките податоци и постапки околу процесот на санација на колекторскиот систем за Охридско Езеро.


ПВРСМ Зоран Заев на отпочнување на санацијата на колекторскиот систем во Охрид: Обезбедивме средства и начин за нашето убаво Охридско езеро и понатаму ќе остане ремек дело на човековиот дух

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев,  денеска заедно со министерот без ресор, задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми извршија обиколка и увид на отпочнувањето на санацијата на колекторскиот систем за Охридско Езеро. 

Во продолжение, говорот на премиерот Заев интегрално:

 

 

„Денес, после неполна година подготовки и барање најдобри решенија и финансиски средства за реализација, започнуваат работите на чистење и реконструкција на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион од наслагите и корењата од дрвјата и санација на цевководот на колекторот. Дополнително ќе се поправат или ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга.

За оваа намена се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот на граѓаните на нашата земја.

Овој значаен и сериозен зафат го преземаме затоа што несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на системот за прочистување на отпадните води создадоа сериозна еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување.

Иако сознанијата за последиците биле познати со години наназад, најдраматичната слика за тоа во колку лоша состојба е целиот систем, дојде од стручната анализа на една јапонска компанија во 2014 година. Со роботизирана технологија е снимена состојбата на сите 37 километри од цевководот на колекторот, утврдена е состојбата на 18-те препумпни станици и состојбата на пречистителната станица во Враништа, струшко.

Во 2017 година, уште во првите три месеци по конституирањето на овој состав на Владата, ние рековме дека ќе преземеме сериозни и итни мерки.

Во наредните 5 месеци, ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување.

Охридското езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем.

Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености, и тоа оваа Влада ќе го докаже.

Оваа влада нема да дозволи Охрид, и природното и културно наследство на Охридскиот регион, впишано како светско културно наследство од посебно значење на листата на УНЕСКО – да биде избришана од неа.

После анализите што беа направени, од кои добивме јасна слика каква е состојбата, јас, како премиер и неколкумина советници во мојот кабинет, во соработка со претставници на локалните самоуправи од Охрид и Струга, како и по консултациите со првите луѓе од „Проаква“, компанијата во чија надлежност беше управувањето и одржувањето на колекторскиот систем, излеговме пред Владата и укажавме дека тие посебни мерки на заштита опфаќаат и создавање на посебно, издвоено Јавно претпријатие колекторски систем кое ќе ги реши со години натрупаните проблеми.

Помогнавме да се порамнат долговите на ЈП „Проаква“, како и долговите на општините кон ова претпријатие за да добиеме чист старт за новото Јавно Претпријатие Колекторски систем.

Со тоа ја поставивме неопходната и солидна основа за да започне целосна и темелна реконструкција на колекторскиот систем за отпадните води.

Тоа се само еден сегмент од системското и трајно решавање за обезбедување на сите неопходни предуслови за заштита на сите обележја што го прават Охрид и охридско-струшкиот регион вреден, светски споменик на природата и културата.

Наскоро ќе ја затвориме јавната расправа за Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион и заедно со експертскиот инпут од УНЕСКО ќе го ставиме на увид уште еднаш пред граѓаните пред да биде пуштен на усвојување во Собранието.

Од Предлог-законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се изземени сите бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата на УНЕСКО.

Со институционалната и законската рамка ги поставивме основите за да им ставиме крај на  активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Наша обврска е со ништо и никогаш да не дозволиме да го загрозиме првиот критериуми на УНЕСКО, според кој Охрид и Охридскиот регион претставуваат ремек дело на човековиот креативен дух.

Охрид и регионот, со сето културно-историско и природно богатство навистина ќе останат ремек дело на човековиот дух и на природата.

Владата и граѓаните на нашата земја заедно ќе го сочуваат и вториот критериум за Охрид и за регионот како единствено и извонредно сведоштво на одредена постоечка или поранешна цивилизација.

Нема да дозволиме да биде нарушен ниту третиот критериум кој вели дека Охрид и охридско-струшкиот регион, вклучувајќи делови и од Дебрца, е извонреден пример за градби, за архитектура или технолошки ансамбл и пејзаж кој ги отсликува значајните епохи на човековата историја.

И секако, ќе направиме сѐ што е потребно Охрид и регионот да останат засекогаш суперлативни природни феномени и подрачје со исклучителна природна убавина и естетска важност, како што е запишано во одлуката на УНЕСКО, Охрид и историското културно и природно наследство на регионот, да бидат прогласени за светско богатство“.