Премиерот Заев: Договорот за поддршка на новата странска инвестиција на „Скејл Фокус“ ја прави Северна Македонија важно место на мапата на софтверската индустрија

Најголемата софтверска компанија од Република Бугарија, „Скејл Фокус“, во наредните 5 години е подготвена да инвестира околу 45 милиони евра, и тоа повеќе од 34 милиони евра во плати за повеќе од 300 работни места, повеќе од 6 милиони евра во давачки за Буџетот на Северна Македонија, повеќе од 3 милиони евра за закупнина на деловен простор, и повеќе од 2 милиони евра за обука и развој на вработените, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на церемонијата на потпишување на државен договор за поддршка на оваа инвестиција во нашата земја.

Во своето обраќање по тој повод, премиерот Заев нагласи дека компанијата има намера активно да соработува со локалните организации, универзитети и компании, за придонес во развојот на информатичката и дигиталната технологија. 

„Софтверските решенија на „Скејл Фокус“ ќе се интегрираат во постоечките водечки продукти на познатите компании како што се „Ај-Би-Ем“, „Оракл“, „Мајкрософт“, „Апиан“ и други глобални компании. Техничкиот центар на оваа компанија во Скопје ќе биде продолжување и проширување на можностите на компанијата кој ќе биде организиран и управувам според најдобрата пракса на софтверската индустрија во светот. Инвестицијата на „Скејл Фокус“ ја прави Северна Македонија важно место на мапата на софтверската индустрија и на информатичката технологија“, нагласи премиерот Заев.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев рече дека „Скејл фокус“ е компанија којашто има канцеларии во 5 земји во светот, во Бугарија, во Обединетото Кралство, во САД, во Швајцарија и Германија и во Северна Македонија. 

„Софтверската компанија „Скејл Фокус“ вработува над 1000 вработени, работи за 300 клиенти во моментов на 500 проекти. Тоа е една исклучително брзо растечка компанија, а тоа го потврдува и извештајот на Фајненшл Тајмс од 2019 година, кој ја вбројува компанијата во 1000-те најбрзо растечки компании во Европа и цениме дека е добро што токму оваа компанија ќе направи своја ќерка фирма и во нашата држава“, додаде Анѓушев.

Пламен Цеков извршен директор на „Скејл фокус“ по потпишувањето на договорот рече дека причината да инвестираат во Северна Македонија е во огромниот потенцијал и талентираните млади луѓе од сферата на информатичките технологии.

„Сега имаат можност се вклучат во ИТ индустријата  на глобален план и преку високи плати да го изградат столбот на средната класа. Притоа да останат во својата земја а да работат на европски проекти и плати. Со тоа сметаме дека ќе помогнеме дека Северна Македонија да оди побрзо на својот пат кон Европската Унија“, рече сопственикот и главен извршен директор на компанијата, Цеков.