Од 172 седница на Владата: Предлог-закон за ништовност и поништување на правните последици од лустрацијата; Одлука за ознаки на униформата на новата Единица за интервентна полиција на МВР

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 172 седница го утврди текстот на Предлог на закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Со новото предложено решение, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи, и согласно Предлог законот, за  оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета.

Со овој Предлог закон, кој ќе биде пуштен на усвојување во Собранието на Северна Македонија се заокружува правната рамка како стратешка цел на реформата во правосудството во однос на обезбедување на независноста и непристрасноста и се пристапува кон реализација на стратешката насока за воспоставување на законска рамка за поништување на мерките и правните последици од процесот на лустрација.

На оваа своја седница, на предлог на МВР, владата  ја усвои измената на уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата заради усогласување со новата организациска структура во Секторот за внатрешни работи Скопје, според која на местото на досегашните Единица за јавен ред и мир, Единица за прв одговор и интервенција (Алфи) и Единица за асистенции, спровод и обезбедување на транспорт, се формира Единица за интервентна полиција (ЕИП).

Новата ЕИП ќе биде надлежна за: следење на состојбите од областа на јавната безбедност на подрачјето на Секторот за внатрешни работи и преземање дејствија и мерки од областа на јавниот ред и мир, спречување на криминалитет и постапување по барање за асистенции за спроведување на извршна одлука, доколку при спроведувањето на извршувањето, надлежниот државен орган, односно лицата кои со посебен закон се овластени да го спроведат извршувањето, наидат на физички отпор или таков отпор може оправдано да се очекува и за спроведување на лица на барање на надлежни државни органи, како и асистенција на барање на други правни лица на територијата на Секторот.

На предлог на Министерството за правда, на денешната седница е прифатена информацијата според која Северна Македонија ќе го потпише Меѓународниот Договор за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба.

Со ратификацијата на овој договор, Државната комисија за спречување корупција и конфликт на интереси ќе се стекне со право да бара информации за имотната состојба на сите јавни функционери, вклучувајќи ги оние од правосудството, кои имаат или стекнуваат имоти и финансиски средства во странски земји.

Владата на РСМ денеска донесе Одлука за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија, и ги задолжи Кабинетот на претседателот на ВРСМ, Кабинетот на ЗПВРСМ задолжен за координација на економските ресори, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Регулаторна комисија за енергетика и АД НЕР Скопје во рок од три дена до Министерството за економија да достават номинации за член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за  доделување на Договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата.

По обемни претходни консултации со Советот на странските инвеститори во нашата земја, владата усвои одлука увозните давачки - царинските стапки  за одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи во 2020 година, да се намалат за 50%  со цел да  се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.

Со оваа одлука висината на овие царински давачки ќе се приближи кон царинските стапки што се применуваат во Европската унија,  што значи ќе се овозможи да се подобри конкурентноста на домашните компании и поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори.

На оваа своја седница Владата го утврди Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за животна средина кој многу попрецизно ги дефинира и воспоставува методологија за идентификување и систем за управување со контаминираните подрачја заради надминување на негативните влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето.

Дополнително, со измените во новиот Предлог-закон се доуредува делот за финансирање на мерките за унапредување на  животната средина и се усогласуваат одредбите за прекршочната политика и за инспекциски надзор.

По повод информација за поднесената иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција за поведување постапка за утврдување одговорност на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, на денешната седница е утврден одговорот на Владата кој ќе биде испратен до ДКСК.

Во текстот на одговорот се наведува дека точката Предлог-одлука за укинување на царинската стапка за електрични јон-литиумски акумулатори била повлечена од 29-тата седница на Владата на 26 септември и повторно била вратена на усвојување на 36-тата седница на 7 ноември, откако во меѓувреме заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев со писмен поднесок ја информирал владата дека се иззема од учеството за донесување на предлог-одлуката.

Во образложението за оваа точка утврдено на оваа седница се истакнува дека членовите на Владата немаат неограничени овластувања и моќ и дека нивните поединечни овластувања се контролирани од Владата како колективен орган, согласно Уставот и Законот за Влада, и дека во овој случај не е утврдена повреда на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради што нема правен основ за поведување одговорност.

Денеска владата го усвои дополнувањето на Комуникациска стратегија на Владата на Република Северна Македонија 2019 - 2020 година, која има за цел на транспарентен начин да информира за владините политики.

Комуникациската стратегија се дополнува со три документи во делот на кризните комуникации, внатрешните комуникации, како и со 8 модули за официјалната обука за воведување во системот на владините комуникации. Со овие документи се дефинираат улогите и одговорностите на кризните и внатрешните комуникации и се поставуваат стандардите и вештините што треба да ги поседуваат владините комуникатори.

На денешната седница на Владата на Северна Македонија е усвоена информацијата за настанот од 23 ноември оваа година, кога во Македонскиот народен театар беше организирана прослава по повод јубилеј на навивачката група „Шверцери“.

Владата го задолжи Министерството за култура во соодветна постапка да ѝ наложи на директорката на МНТ од организаторите на настанот да побара надомест на штетата направена за време на настанот, а на директорката да и биде изречена казна со намалување на платата за 15 проценти во траење од 3 месеци затоа што направила пропуст и дала согласност за отстапување на МНТ без писмен договор.